Општина Струга го отстранува времениот објект на кајакарскиот клуб „Црн Дрим“

13.11.2020 15:23

Тензии во Струга, се дислоцира камионската приколка на кајак клубот, поставена на Женската плажа. Кајакарите протестираат и велат дека ова е атак врз овој спорт. Општинската комунална инспекција со коментар дека објектот е поставен без одобрение и затоа ќе биде отстранет...

Драма во Кајакарскиот клуб во Струга, сместен во само една камионска приколка на Женска плажа. Со часови кавги, расправии и турканици. Под силно полициско обезбедување, инспектори, адвокати, пајак- камион и багер, Општината утрово започна со отстранување времениот објект на клубот „Црн Дрим“ , а кајакарите го бранеа со жив штит.

Се качуваа на багерите , полицијата ги туркаше. На крајот се качија на камионската приколка, за да не може да ја отстранат.

Од сите дивоградби на крајбрежието, на општинските власти им смета само клубот, вели тренерот, кој појаснува дека поднеле барање за локација, но не им одговарале.

„Ова е атак на сппортот, ние дојдовме со една обична приколка да сметаме, а се бавиме со спорт, не со шоу бизнис, додека цело Охридско Езеро е бетонирано. Ова е срам“, вели Игор Малески, тренер на Кајакрски клуб- Црн Дрим.

Во кајакарскиот клуб тренираат четириесеттина млади и докажани кајакари, двајца од нив се подготвуваат за Олимпијада. Спортистите велат- ова е напад на спортот во државата.

Доколку нѐ отстранат ние нема да имаме каде да тренираме едноставно ќе се повлечиме од спортот, јас сум бил на многу светски и европски натпревари, ова е срамота од Општина Струга, срам за спортот, ќе го уништат кајакот во Македонија“, вели Никола Малески, кајакар.

После мачна расправија, кајакарите со жив штит го бранеа клубот. Полицијата ги туркаше и ги убедуваше да се тргнат. Вработените во приватната фирма која го отстанува објектот се караа со спортистите, а упатија закани и кон новинарите.

Општинскиот инспектор кој беше на лице место вели дека има решение за отстранување на објектот.

Објектот е поставен без одобрение на Општина Струга, нелегално. Иако сопственикот го знаевме не можевме да му доставиме ниту записник ниту решение“, вели Трифун Танески, комунален инсппектор.

Адвокатаот на клубот, пак, го тврди спротивното. Општината започна отстранување на објектот без уредно доставено решение, без извршител и без судски налог.

Клубот Црн Дрим- Струга постои од 1948 година, во него тренираат кајакари од Струга, Охрид и Дебар.

Соња Рилковска