Обвинителството влезе во неколку веледрогерии за случајот со паралелен увоз на лекови
Обвинителството за организиран криминал ја одзело документацијата за лековите на неколку познати веледртогерии во земјава...

Полициски инспектори од Одделот за организиран криминал и корупција со налог влегле во неколку веледрогерии и одзеле документација која треба да помогне при расветлување на случајот за паралелен увоз на лекови. Има сомнежи за увоз на фасификувани лекови во земјава. Од Обвинителството потврдуваат дека имало акција, но дека била дел од предистражна постапка подолг период за предмет што е отворен по претходно допрен глас.
„Во рамки на предистражна постапка се одзема документација од повеќе правни лица, а во врска со паралелен увоз на лекови. За сега, не можам да споделам повеќе информации“- вели за МТВ обвинителката за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.
И од полицијата потврдија дека постапувале по наредба издадена од надлежен јавен обвинител. Од МВР и од обвинителството не соопштуваат во кои веледрогерии се вршеле проверки. Во јавноста се огласи компанијата „Д-р Пановски“, ги охрабрува надлежните да стават крај на темата „Паралелен увоз“.
„Немаме намера да изнесуваме детали за да не им попречуваме на надлежните институции да ги преземат сите неопходни дејствија. Дел од сензационалните вести кои имаат за цел да го нарушат угледот на веледрогеријата не можат да влијаат на фактите дека работиме согласно законските прописи“ – пишува во реакцијата на веледрогеријата „Д-р Пановски“.
Овој случај, дополнуваат од веледрогеријата, со години ја бранува јавноста и време е конечно да се стави крај на сите дилеми поврзани со документацијата до 2017-та година.
Андријана Атанасовска
