Евроинтеграции

Софија најави вето, Скопје изрази надеж

16.11.2020 09:15

На Советот за општи работи на Европската унија во вторник, Бугарија нема да каже да, изјави шефицата на дипломатијата Захариева. Ветото од Софија е извесно, но очекувам крик на пријателство во последен момент, вели Заев...

Северна Mакедонија во моментов не е подготвена да ги исполни условите за почеток на преговорите, во вторник на Министерскиот совет нема да кажеме да, изјави шефицата на бугарската дипломатија Захариева. Софија смета дека државава не го исполнувала Договорот за добрососедство. Сепак, Захариева уверува дека Бугарија и натаму ќе ја поддржува земјава на патот кон ЕУ.

„Ние велиме „не“ на почетокот на преговорите, а не на членството на Северна Македонија во ЕУ, не веруваме дека во моментов тие се подготвени да ги исполнат условите за почеток на преговорите. Скопје не го спроведува Договорот за добрососедство и продолжува со омраза кон Софија, поради што, нема начин како Бугарија да каже „да“ во оваа фаза. Никој не го оспорува нивното право на самоопределување и да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но не се согласуваме дека тоа право на самоопределување треба да се заснова на омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија и бугарскиот јазик“, изјави Захариева.

Со позитивни одлуки градиме пријателство, а со негативни горчина. Премиерот Зоран Заев по изјава на шефицата на бугарската дипломатија, рече дека тој е подготвен, но и го подготвил македонскиот народ за негативниот исход. Заев смета дека мнозинството граѓани во Бугарија не се согласуваат со ставовите на официјална Софија во врска со ветото кон Македонија. Не го напушта оптимизмот и како што рече, очекува крик пријателство од бугарска страна.

Официјална Софија бара посебно поглавје во преговарачката рамка за Македонија. На последниот состанок на амбасадорите на земјите- членки на ЕУ на 6-ти ноември, Бугарија  се спротистави на усвојувањето на рамката.

Брисел смета дека билатералните прашања треба да се решат.

 

Наташа Гркова- Петрушевска