Ќе се опремува новиот дел од струмичката болница

16.11.2020 10:26

Дури и да се отвори новото крило, во струмичката болница ќе нема доволно персонал да работи во него, предупредува директорот на болницата Гогов. Министерот за здравство пак, со став - со принципот на ротација се обезбедува доволно кадар. Филипче вели дека засега нема потреба од ангажман на пензионирани лекари. Премиерот Заев, лично донираше амбулантско возило за болницата...

Со одобрениот кредит од Светска банка наскоро се очекува да се опреми новиот дел од струмичката болница кој 33 години стоеше празен. Во истиот треба да се трансферираат сите хируршки амбуланти како и ургентен центар, гинекологија, оториноларингологија и други оддели. Од почетокот на пандемијата со Ковид- 19 се донесе одлука првиот кат од новиот дел да се пренамени за Ковид центар. Просторот засега се опремува со донации додека не стигнат парите од кредитот.

Министерот Филипче се надева дека ќе се најде начин како да се екипира медицински персонал кој ќе одговори на потребите на пациентите кои ќе се лекуваат во новиот ковид центар.

На прашањето дали ќе се обезбедат финансии за нови вработувања за потребите во новиот ковид центар, одговор даде и премиерот Заев, кој рече дека во договор со министерството за финансии ќе се обезбедат финансиите кои ќе бидат потребни за идниот медицински персонал.

Премиерот Заев на струмичката болница го предаде амбулантното возило кое е донација од неговото семејство. Струмичката болница во зголемениот обем на работа во време на епидемија многупати апелирашње дека возниот парк е дотраен, и е неопходно набавка на ново.

 

Стојне Митева