Што треба да знаете при купување стан
Консултацијата со стручњаци како архитекти или градежни инженери ќе ви го олесни изборот и евентуалната адаптација на просторот. За прегледот на документацијата е потребен адвокат за да не се случат пропусти кои ќе ви го загорчат купувањето. Еве што треба да знаете при купувањето стан или куќа што ќе биде ваш иден дом...
Купувањето стан е радосна но истовремено и стресна работа во животот. Доколку сте решени да ја направите вашата најголема инвестиција во животот важно е добро да се информирате и подготвите. Консултацијата со стручњаци како архитекти или градежни инженери ќе ви го олесни изборот и евентуалната адаптација на просторот. За прегледот на документацијата е потребен адвокат за да не се случат пропусти кои ќе ви го загорчат купувањето. Еве што треба да знаете при купувањето стан или куќа што ќе биде ваш иден дом.
1 Прво и основно е проверката на правниот статус на имотот, важно дали е станот легален и да има чист имотен лист регистриран во катастарот, без разлика дали го плаќате во готово или подигнувате стамбен кредит. Пожелно е уште еднаш да се провери во катастарот и на истиот ден кога го потпишувате купопродажниот договор, за да видите дали можеби сопственикот не го ставил станот под хипотека, а вие да дознаете предоцна. Мора да го проверите и сопственикот на недвижноста, дали е во брачна заедница, дали има деца и да побарате писмена заверена изјава дека се откажуваат од било какви барања за тој стан или куќа.
2 Проверете дали за тој стан има судски спор. Данокот за купената недвижност мора да го платите во најкраток рок по купувањето.
Има разлика меѓу купувањето стан во новоградба или стар стан. Се си има свои предности и недостатоци. Треба добро да ги проучите пред да се потпишете. Пресудни за одлучувањето треба да бидат стандардите за градба и квалитетот на станот. Ако е новоградба, распрашајте се добро за начинот на градбата, за материјалите кои се користат, за финалната обработка, за хидро,термо и звучната изолација, затоа што многу инвеститори не ги почитуваат сите правила за квалитетни стандарди за градба. Тогаш е подобро да се решите за постара градба, но мора да ги пресметате трошоците за евентуално реновирање. Имајте на ум дека влезот, заедничките простории и пристапот до зградата не може да ги промените.
3 Дали е ризик или заштеда купувањето стан во изградба. Иако условите се поповолни ризикот е голем зашто станот не е завршен и не знаете колку ке бидат исполнети критериумите за квалитет, а плус тоа и немате имотен лист. Важно е да се провери кредибилитетот на инвеститорот, и да се даде приоритет на веќе докажан, со добра репутација, со позитивно искуство на купувачите. Важно е дали инвеститорот е сопственук или косопственик на земјиштето на кое се гради. Ако не е, мора да имате договор за заедничка градба со сопственикот на парцелата.
Треба да се провери и градежната дозвола која се издава на основа на комплетно изработен проект со сите станови по квадратура. Важно е веднаш по купувањето да се заведе во катастар. Право на сопственост има тој што прв ќе се запише во катастарот, зашто може да се случи инвеститорот два пати да го продаде истиот стан или пак да биде предмет на некоја извршна постапка за некој долг на продавачот. Право на сопственост има првозапишаниот, а не тој што прв ќе влезе во станот. Кога се купува стан во изградба не треба да се плати цела сума туку само капар со преддоговор за купопродажба и да се побара дозволата за градба на увид.
4 Ако станот што сакате да го купите е стара градба проверете ја инсталацијата и состојбата на зградата, со сите детаљи кои би можеле да бидат потенцијални проблеми, заедно со стручно лице. Важен е и надворешниот изглед, фасадата, и одржувањето на хигиената. Проверете дали има централно греење и како функционира, дали има добар притисок на водата, во каква состојба се канализациијата и водоводните цевки, електроинсталацијата, затоа што во иднина тоа ќе биде висока финансиска ставка за реновирање.
5 Важна е и околината и локацијата на станот. Добро би било да прошетате низ квартот и да процените дали е тоа околина во која сакате да живеете. Проверете колку е оддалечено од здравствени установи, училиште, градинка, аптека, продавници, автобуски постојки. Пожелно е да го имате во близина на околу 10-15 минути пешачење. А многу е важно и колку е оддалечен станот од вашето работно место.
Проверете дали во непосредна околина има некаква веројатност за дивоградба, затоа што за неколку години може да ви никне под прозорецот. Близината на прометните улици или патишта е важна поради евентуалната бучава која многу пречи. Затоа посетете ги неколку пати станот и околината за да се уверите во сите детаљи пред потпишувањето на договорот.
Соња Стојановска