Куманово: Милион денари за ковид болницата
За изградба на инфраструктура во модуларниот ковид центар во Куманово општината ќе одвои еден милион денари. Средствата ќе се користат за дотур на вода, гас, електрична енергија. Во меѓувреме, претставници на армијата, општината и црвениот крст, поставија привремен објект-шатор, кој се користи како ковид чекална за пациентите. Од болницата пак бараат и итни вработувања.

Општина Куманово ќе одвои еден милион денари, средства кои ќе се користат за дотур на вода, гас, електрична енергија за монтажната ковид болница. Предлогот доби зелено светло и од советниците. Болницата ќе ја гради Владата преку Министерството за транспорт и врски.
„Ни стигна допис од Министерството за здравство испратен е до сите општини и ние како општина сме должни во Совет да се изгласа програма во која ќе се определат одредени средства за изградба на овој ковид центар. Секако, ковид центарот ќе биде финансиран од страна на Влада преку Министерство за здравство. Овие средства кои се определени од страна на општина се однесуваат на доопремување на самата инфраструктура“, истакна Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Сектор за урбанизам при Општина Куманово.
Доколку има потреба општината преку Советот ќе определи дополнителни средства за поддршка на ковид центарот. Модуларната болница треба да се изгради на просторот помеѓу инфективното и поренешниот објект на физикална терапија, во кругот на кумановската болница. Претставници на армијата, општината и црвениот крст, минатата недела поставија привремен објект-шатор, кој се користи како ковид чекална за пациентите. Општата болница пак бара итни вработувања на болничари и технички персонал, кој ќе работи на одделенијата со ковид болните. Има потреба и за медицински сестри. Од неодамна помош пружаат и специјализанти од Здравствениот дом во Крива Паланка. Куманово е меѓу најпогодените градови од коронавирусот.
Елена Георгиевска
