ЕК е воздржана за најавите од Бугарија за блокирање на почетокот на преговорите со земјава

16.11.2020 14:46

Од комисијата нагласија дека ги охрабруваат властите во двете држави да најдат решение. Не коментираат дали едно од решенијата е ново 35-то поглавје за преговори на барање од Бугарија.

Европската комисија пред утрешниот состанок во Брисел е воздржана за најавите од Бугарија за блокирање на почетокот на преговори со Северна Македонија поради билатерлани недоразбирања. Од комисијата нагласија дека ги охрабруваат властите во двете држави да најдат решение. Не коментираат дали едно од решенијата е ново 35-то поглавје за преговори на барање од Бугарија.

„Нашата позиција е многу јасна. Европската комисија апелираше првата меѓувладина конференција да биде одржана што е можно побрзо. За да се случи ова, сите се свесни дека е потребна согласност од Советот за преговарачката рамка што е во тек и не можеме да превидиме кога тоа ќе биде. Ние ги охрабруваме двете страни да ги продолжат напорите да најдат решение. Европската комисија се разбира е во контакт со германското претседателство и со двете страни кои ги охрабруваме да најдат решение. Условите за приклучување во ЕУ се доста јасни, потребна е согласност за текстот на преговарачката рамка од сите земји членки. Во тек се преговори во Советот за преговарачката рамка и Комисијата не може да коментира за ставови на поединечни членки“, изјави Ана Писонеро Фернандез, портпарол на Европска комисијата.