Истрага за смртта на пациентка од Берово во болницата во Штип

16.11.2020 16:18

Вонреден инспекциски надзор изврши Државниот санитарен и здравствен инспекторат за случајот на 41- годишната пациентка која почина на инфективното одделение во Клиничка болница Штип. Нејзината ќерка на социјалните медиуми објави дека од мобилниот телефон на нејзината мајка се гледа дека безуспешно барала помош и кислород од сестрите и докторите. Истокот има услови за болничко лекување на 105 ковид пациенти, капацитетот е скоро исполнет. Во монтажните ковид центри во Штип и Кочани ќе може да се лекуваат уште 86 пациенти...

„Седумнаесет неодговорени повици и две пораки во рок од 24 часа на бројот на медицинските сестри во инфективното одделение во штипската Клиничка болница претходеа на смртта на мојата мајка“ - објави на социјалните медиуми Михаела Довичинска од Берово.

„Зборовите на утеха на моето семејство беа дека медицинскиот персонал направил сѐ што може и дека се презафатени со пациентите, но сѐ до моментот кога од телефонот на мајка ми не ги видов сите нејзини неуспешни обиди да го добие дежурниот медицински персонал“ – пишува Довичинска во својот фејсбук статус.

Вонреден инспекциски надзор за случајот денес изврши Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од каде информираат дека ја задолжиле Комисијата за контрола на здравствени и етички прашања при Клиничката болница Штип, да го иследи случајот и да поднесе писмен извештај, кој во наредните денови ќе даде појасна слика за случајот и ќе покаже дали имало евентуални пропусти.

Истокот за сега има можности во болнички услови да лекува 105 ковид пациенти, 65 во Клиничката болница во Штип и 40 во Општа болница Кочани, каде од денес за ковид пациенти е пренаменето одделението за физикална медицина. За нивното лекување моментално е одговорен само еден инфектолог во Штип, двајца се на боледување, а во Кочани нема ниту еден. Во ковид одделенијата работат интернисти, анестезиолози и други специјалисти. Нови 86 места за болните од Ковид-19 ќе има во монтажните болници во Штип и Кочани.

Славица Величковска