Опрема за безбеден авантуристички зимски туризам

17.11.2020 12:46

Планинската спасителна служба од Oхрид која делува на подрачјето на пет општини наскоро ќе добие специјална опрема за безбеден транспорт на повредени и болни лица во екстремни зимски услови. Опремата финансирана од Eвропската унија чека да завршат царинските формалности и доаѓа во вистинско време, пред почетокот на зимата кога бројот на интервенциите се зголемува. Од формирањето досега, спасителната служба има над 130 интервенции…

Бројот на несреќи во планините во последните 4- 5 години постојано се зголемува. Поради тоа од огромно значење пред почетокот на зимската сезона е тоа што Планинската спасителна служба при Црвениот Крст од Охрид наскоро ќе добие специјална опрема за делување и во најсложени временски услови преку проектот „Нови можности за безбеден авантуристички зимски туризам“, финансиран од ЕУ во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Се работи за две специјални АТВ возила. Едното со погон на 4 тркала, а другото со погон на 6 тркала. И двете ќе бидат опремени со гасеници за движење во длабок снег. И за двете имаме дополнителна опрема, специјални приколки со кабини за безбеден транспорт на повредени или болни лица во екстремни зимски услови“, вели Антонио Додевски- Планинска спасителна службаЦрвен Крст Охрид.

Дел од опремата вредна околу 140.000 евра се специјалните ранци со ер-бегови кои што на спасителите ќе им гарантираат дополнителна безбедност при лавини. Центарот делува во југозападниот дел, но доколку има потреба ќе се вклучат во акции на целата територија на земјава.

„Бидеќи во моментов сме единствена служба која располага со комплетна и детална софистицирана опрема за извлекување на повредени, една од најтешките операции во спасувањето, извлекување на терен во вертикала, така што било каде ако има таков проблем ние стоиме на располагање“, вели Додевски.

Слични служби постојат во сите развиени земји. Причина повеќе неодамна да биде формиран Национален сојуз за планинско спасување кој во иднина се очекува да ја покрива целата територија на нашата држава, со што ќе се зголеми безбедноста на граѓаните и на туристите кои доаѓаат да уживаат во македонските планински предели.

Сашо Нелоски