Постарите повеќе ги почитуваат здравствените мерки
Информирањето за препораките во времиња кога крајот на пандемијата не е на повидок е задолжително, и за медиумите, но и за институциите. Но, како по оваа долготрајна криза реагира населението, се чини, повозрасните имаат соодветен однос кон протоколите, додека помладите во Охридско- струшкиот регион се побунтовни...

Луѓето во третата доба повеќе ги почитуваат здравствените препораки. Стравуваат од корона вирусот, но и се жалат дека помладата популација вооппшто не води грижа.
Се однесуваат несовесно, се собираат во училишни дворови, станови и на спортски игралишта без заштитни маски и дистанца. За жал има и такви кои сѐ уште не веруваат во корона вирусот.
„Почитуваме препораки се чуваме. Се плашиме многу, по цела ноќ не спиеме“, вели еден охриѓанец.
„Ние ги почитуваме препораките, но младите не водат грижа воопшто“, вели друг повозрасен охриѓанец.
„Ние почитуваме препораки, држиме дистанца се чуваме, но има и такви кои не веруваат дека корона вирусот постои“, вели трет охриѓанец.
Непочитувањето на препораките, криењето контакти и шетањето од страна на несовесните граѓани кои се ковид позитивни, се главните причини за огромниот број заразени во есенскиот бран, сметаат епидемиолозите.
„Ако народот ги прифати препораките на здравствените работници, носење маска и дистанца, мислам дека ќе почне да се намалува бројот на заболените. Да ги заборавиме славите и родендените, да бидеме пред сѐ здрави“, вели Јованка Стурлакова Коровешоска, епидемиолог од ЦЈЗ Охрид.
Во Охрид во моментов има 486 актвни случаи на корона, во Струга 289. Бројот на хосппитализирани во охридската болница порасна на сто заболени.
На пладне во Охрид невообичаено мирно, се забележува многу мала раздвиженост. Постарите строго ги почитуваат препораките.
Соња Рилковска
