Локалните медиуми и коронакризата
Зголемен обем на работа и огромен здравствен ризик е предизвикот со кој што се соочуваат медиумските работници во коронакризата. Вирусот не ги одмина ниту локалните и регионалните медиуми. Огласувачите погодени од кризата ги повлекуваат рекламите, а редакциите остануваат празни. Дел поради финансиите, други пак поради позитивни или изолирани вработени...

Коронавирусот не ги одмина ниту локалните и регионалните медиуми. Медиумските работници кои и во здравствената криза неуморно и секојдневно ги информираат граѓаните, се најдоа на првата линија на фронтот против невидливиот непријател. Голем дел од редакциите завршија со неколку случаи на позитивни или изолирани лица, па медиумите кои и така имаат недостаток на вработени, се соочија со дополнителни проблеми. Други пак, беа принудени да им дадат неплатен одмор на вработените, поради лошата финансиска состојба, бидејќи голем дел од огласувачите погодени од економската криза, ги повлекуваат средствата за реклами.
„Навистина е тешко да се издржи за време на пандемија бидејќи многу огласувачи, ги повлекоа рекламите не можат финансиски да опстанат. Се бориме да го задржиме оној квалитет на програмата кој што го имаме, првенствено да ги информираме граѓаните затоа и постоиме да бидеме сервис за граѓаните“, вели Сузана Андоновиќ, уредник и сопственик на радио Бум во Куманово.
„Како новинар од локален или регионален медиум моравме ние да излегуваме меѓу жителите, урбаните места да ги пренесеме нивните проблеми и во услови на пандемија, се разбира она што е потребно кај локалните институции, моравме да го отсликаме животот, да бидеме алка на сите оние мерки кои ги презедоа општинските власти“, посочи Ване Трајков, новинар ТВ Вис Струмица.
Дел од медиумите во Велес применуваат комбиниран модел на работа, теренска, но се насочуваат и кон онлајн платформите за комуникација.
„Носиме заштитни маски и држиме растојание од два метри додека разговараме со различни соговорници, но бидејќи во овој период имаме влошување на состојбата со коронавирусот во нашиот град, во нашата секојдневна работа практикуваме и телефонски разговори, како и видео, преку Скајп, платформата Зум“, информира Габриела Лескова, телевизија Здравкин во Велес.
Поради лошата состојбата во медиумите во време на пандемија, Владата обезбеди и субвенции, кои делумно помогнаа во справувањето со кризата.
Елена Георгиевска
