Попова Шапка: Државата да обезбеди инфраструктура, само така приватните инвеститори ќе инвестираат

17.11.2020 16:14

Државата да обезбеди основна инфраструктура за развој на центарот, само така приватните инвеститори ќе инвестираат во него, велат од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка, по најавите на премиерот Заев и министерот Бектеши за нејзина продажба. Оттаму сметаат дека идејата на владата за поврзување со ски центарот Брезовица е познат маркетинг пред секои избори...

Најавите за целосна продажба, јавно- приватно партнерство се лоши чекори, а студиите и мастер планови за развој веќе ни се познат маркетинг со кој центарот само тоне, велат од Иницијативата -Да ја спасиме Попова Шапка.

Владата треба да има долгорочен инвестициски план за центарот, кој е стратешки интерес и може да носи голем прилив во буџетот, со оглед на природниот потенцијал со кој располага.

Од иницијативата, сметаат дека центарот пропаѓа затоа што со него управуваат менаџери, кои се под директно влијани на политичките сили, кои буквално се пазарат со Попова Шапка и ја користат исклучиво за предизборен маркетинг.

Неопходни се инвестиции на Попова Шапка, која е на дното во Југоисточна Европа заедно со Брезовица, а Владата најавува нивно поврзување.

Бектеши и Заев најавија поврзување со Брезовица со цел регионален пристап за развој на туризмот, но досега властите не успеаа да ја поврзат Попова Шапка ниту на локално ниво.

Гондолата од Тетово до овој центар никако да започне да се гради и покрај ланските најави на властите дека ќе се изгради нова, кој би чинела над 20 милиони евра.

 

Зоран Димовски