Штипската болница во рок од три дена треба да го извести ДСЗИ за лекувањето на починатата пациентка
Дали истоштеноста на медицинскиот персонал влијае врз соодветниот третман на пациентите лекувани од Ковид-19? Се испитува вчерашното починување на 41-годишна жена во штипската болница. Ангажиран е и здравствениот инспекторат...

Инспекторите извршиле надзор во штипската болница каде почина 41- годишната пациентка за која семејството тврдеше дека не добила соодветна медицинска нега, поточно кислород. Го задолжиле директорот на здравствената установа да ја свика Комисијата за следење на квалитетот на болничкото лекување, којашто треба да утврди кои биле околностите кои довеле до смртниот исход.
„Директорот е задолжен во рок од три дена, писмено да го извести ДСЗИ за наодот од извршената контрола на комисијата. Независно од работата на комисијата, во текот на денешниот ден ДСЗИ ќе иницира стручен надзор над работата на здравствената установа и здравствените работници во врска со третманот на пациенката, до министерот за здравство“, пишува во писменото соопштение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Комисијата го испитува случајот, додека не заврши постапката директорот на штипската болница не сака да ги коментира наодите. За МТВ потврдува дека тројца лекари и четирите медицински сестри се грижат за 55 тешко болни пациенти со ковид во втората и во третата смена на Инфективното одделение. Пациентите доколку имаат итна потреба од лекар или сестра во болничките соби повикуваат преку мобилен телефон. За ова е обезбедена и втора телефонска линија.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја испитува смртта на 12 пациенти болни од ковид. Во последните два месеца, извршени се четири надзори, по еден за пациент од Свети Николе и од Ресен и за двајца од Струмица.
„Во тек се инспекциските надзори за починатите пациенти од Тетово Кавадарци, Битола и Крива Паланка. Од страна на ДСЗИ, во наредниот период ќе бидат извршени за уште четири пациенти починати од Ковид- 19“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Рекордни, 40 смртни случаи од ковид, беа објавени во последниот извештај на Министерството за здравство. Од почетокот на епидемијата над 1.300 граѓани ја загубија битката. Болниците се полнат, на инфективните одделенија и во ковид центрите се лекуваат повеќе од 1.100 заболени, надлежните тврдат има слободни кревети.
Андријана Атанасовска
