Евроинтеграции

Рот: Проширувањето на ЕУ не смее да биде заложник на билатерални барања

17.11.2020 16:49

Европското проширување не смее да биде заложник на билатералните прашања- смета германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Софија ги повтори познатите ставови, нема да се придружи на консензусот на останатите членки...

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот кој претседава со Совет за општи работи на ЕУ во Брисел, најави дека и покрај бугарското вето ќе ја стави точката за проширување на дневен ред. Тој порача - проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки.

Ќе ги информирам моите колеги за процесот на проширување со Северна Македонија и Албанија. Уште на почетокот на годинава одлучивме да ги започнеме преговорите со двете земји. Основен интерес на ЕУ е во најбрз можен рок да започнат преговорите со Меѓувладина конференција. Се надевам дека сите земји- членки ќе се согласат со оваа цел и ќе бидат подготвени прагматично и солидарно да работат за нејзино остварување. Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки“, нагласи Рот.

Бугарија не отстапува и нема да дозволи почеток на преговорите, тие се конзистентни во однос на македонското прашање подолго време, вели за бугарската телевизија министерката за надворешни работи Захариева. „За Македонија ќе има место во ЕУ кога ќе биде подготвена, а сега не е“- дополнува Захариева. Таа вели дека има три работи што Бугарија ги бара, а без кои не може да ја одобри преговарачката рамка.

Придржување кон формулата за јазикот од 99-та, која беше потврдена и во 2017-та година. Патоказ за спроведување на Договорот што треба да се набљудува во текот на целиот преговарачки процес и експлицитен текст во никаква форма да не се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија“, рече Захариева.

Според член два од Договорот за пријателство потпишан меѓу премиерите на Македонија и на Бугарија пред три години во Скопје, Софија се обврза да го подржува евроинтегративниот пат на земјава. Ова е воедно и ставот на македонската влада.

 

Марина Стојанова- Тонева