Се зголемува безбедноста на македонскиот автопат

14.03.2014 20:57

На делницата Велес – Катланово ќе се рехабилитираат 13 моста. На три, работите веќе се започнати. Инвестицијата тежи 3,8 милиони евра...

Градежните работи треба да завршат во Септември наредната година кога во соработка со НАТО ќе бидат рехабилитирани сите мостови долж Коридорот 10.

На три од тринаесетте мостови од автопатската делница Велес –Катланово, во моментов се изведуваат градежни работи. Тие се дел од последната фаза од проектот за зајакнување и санација на мостовите во Македонија, кој се реализира заедно со НАТО.

„Градежните работи се одвиваат согласно динамиката, најкасно целата реконструкција треба да заврши во септември 2015 година. Вкупната инвестиција е околу 8.6 милиони евра“, рече Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.

Паралелно со реконструкцијата на мостовите ќе  се реализира и проектот за обнова на коловозот од Велес кон Скопје.

„Веќе сме во финална фаза на избор на надзор и градежна комапнија, очекуваме кон средината на оваа година да започнат градежните работи“, рече министерот Јанакиевски.

Од министерството велат, реализацијата на сите започнати преокти по Коридорот 10, се одвива според зацртаната динамика. Тие се дел од заложбите за оформување на безбедна автопатска делница како дел од европската патна мрежа.

Изградбата на делницата Демир Капија - Смоквица треба да заврши до 2016-та година, но до 2017 година треба да завршат сите проекти по Коридорот 10.

Во претходните две фази по Коридорот 10, реконструирани се 51 мост, кои беа градени по стандарди од шеесетите години. Сега тие се гаранција за степенот на безбедност по македонскиот автопат.

 

Дијана Иванова