Тешко се стигнува до вакцина за сезонски грип
Во тек е бесплатната имунизација против сезонскиот грип наменета за децата, возрасните, хронично болните и здравствениот кадар. Се одвива етапно, интересот од граѓаните е голем, но досега само мал дел ја примиле вакцината. Се надеваат дека комерцијалната вакцина ќе биде подостапна...

На една недела од стартот на бесплатната имунизација од сезонски грип, минимален е бројот на вакцинирани граѓани, велат матичните лекари. Бројот на термини е мал, а интересот за имунизација е поголем од претходните години.
Проблемот со малкуте термини, односно малиот број на вакцини кои етапно се доставуваат во здравствените домови најсилно го чувствуваат помалите општини. Деновиве заради големиот интерес за имунизација, а немањето термини и вакцини, сите 17 матични лекари од Делчево и Македонска Каменица јавно изразија незадоволство од состојбата.
Здравствените домови очекуваат да им биде доставена минатогодишната количина на вакцини, но засега немаат потврда за тоа. Сметаат дека пролонгирањето на вакцинацијата нема да влијае врз нејзината ефикасност.
Вакцините се бесплатни за лица над 65 години, за хронични болни, бремени жени и деца од 6 месеци до 5 години. Комерцијалните вакцини ќе чинат 800 денари, според информации од лекарите ќе бидат достапни на почетокот на декември.
Славица Величковска
