Една година од првиот случај со Ковид-19
Една година по првиот случај на Ковид-19 регистриран во Кина, светот е во втор бран од пандемијата. Сѐ повеќе земји воведуваат нови ограничувања...

Една година од првиот случај на заразен со Ковид-19 во Вухан. Оттогаш, бројот на заразени лица во светот надмина 55 милиони, а повеќе од 1,3 милиони починаа од последиците предизвикани од коронавирусот.
Денес во Кина има само по неколку случаи на заболени на дневно ниво. Во Европа сѐ поголем број земји се под клуч. Во Италија во последните 24 часа се регистрирани 731 смртен случај, најголема бројка уште од април. Потврдени се над 32.000, односно за 5.000 повеќе од претходното деноноќие.
Турскиот претседател Ердоган најави полициски час и нареди рестораните да се работат само на испорака, како дел од стратегијата за борба против зголемените инфекции со коронавирус и смртни случаи. Полицискиот час ќе важи од 20 часот до 10 часот и ќе почне овој викенд, како и новите мерки кои ги донесе владата.
Во Швајцарија, во последните 24 часа се потврдени нови над 4.500 случаи на коронавирус, Франција, пак, го надмина прагот од два милиона заразени од почетокот на епидемијата.
Од почеток на пандемијата, во Бразил се регистрирани 5,9 милиони случаи. Американските медиуми пишуваат дека најверојатно бројот на смртни случаи во Русија е многу поголем отколку што покажуваат официјалните податоци.
Во САД пандемијата се најде во фокусот на транзицијата меѓу тимовите на Доналд Трамп и Џо Бајден. Соединетите држави се мачат со рекордни хоспитализации со Ковид-19, кои се закануваат дека ќе го блокираат здравствениот систем. Дневниот број на новозаразени се движи околу 150.000 луѓе.
Тајван ги заострува мерките. Од следниот месец речиси сите посетители ќе мора да приложат негативен тест на Ковид-19 пред да влезат во земјата. Мерката ќе трае до 2-ри февруари, со можност за продолжување. Ќе се зголеми и бројот на места на кои маските ќе бидат задолжителни. Тајван повеќе од 200 денови не пријавил случаи на локална трансмисија, но е забележан раст на бројот на увезени случаи.
Од регионот- во Србија од вечер полициски час со цел спречување на ширење на заразата. Почнувајќи од 21 часот, па се до 5 науто под клуч ќе бидат угостителските објекти, ноќните клубови, трговските центри и продавниците. Мерките ќе важат 15 дена, до 1 декември.
Во Словенија е забележан рекорден број на смртни случаи за еден ден. Словенечката влада ги продолжи мерките против епидемијата за уште 30 дена во кои ќе може да се преземат активности за забавување на ширењето на вирусот.
Марина Ристова
