Собрание

Комисиска расправа за измените на Законот за работни односи

18.11.2020 14:31

СДСМ предлага задолжително пензионирање со наполнети 64 години возраст и 15 години стаж. Се брише досегашната можност за продолжување на договорот за вработување со поднесување на писмена изјава од работникот. Немате чесни намери, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ...

Задолжително пензионирање на 64 години и 15 години работен стаж. Законот ќе овозможи намалување на вработените на државната администрација и вработување на млади кадри. Од пратеничката група на СДСМ ја образложија потребата за донесувањето на измените на Законот за работни односи.

Сите што поднеле барање за продолжување на работниот однос ќе мора да одат во пензија до 31-ви декември идната година. Опфатени се работниците во приватниот и државниот сектор. Исклучок ќе има само за вработените во здравството и високото образование. Направени се анализи каква е кондицијата на пензискиот фонд. Измените во делот на пензионирањето нема да го оптоварат, велат од СДСМ.

Имените во законот се контрадикторни. Сакате за да ја намалите администрацијата, но повторно ќе вработувате нови луѓе, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ. Посочуваат дека откако СДСМ е дојдена на власт до сега има минимум 10 илјади вработувања во администрацијата. Бараат конкретна анализа за законското решение.

Со измените ќе им дадеме можност на младите да се докажат во нивните професии, велат од ДУИ. Од опозицијата со став - единствена намена на законот е да се вработуваат партиски послушници на СДСМ и ДУИ.

Законот за работни односи го помина првото читање. Измените ги поднесоа пратеници од СДСМ во координација со Министерството за труд и социјална политика.

Сунчица Николоска