Проширувањето ќе биде на агендата на самитот на НАТО

15.03.2014 09:08

Проширувањето ќе биде на агендата на престојниот самит на НАТО во Британија. Соединетите Американски држави ќе инсистираат на овој самит да бидат примени нови членки во Алијансата, кои ги исполниле условите, соопштија од Стејт Департментот...

Соединетите Американски држави целосно поддржуваат натамошно проширување на НАТО, одговори портпаролката на Стејт Департментот, Мари Харф, на прашањето од Македонската телевизија, дали американскиот државен секретар Џон Кери одговорил на писмото од 40-те конгресмени, коишто бараат во септември на самитот во Британија, Македонија и Црна Гора да бидат примени во полноправно членство.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и на Грција ќе најдат заемно прифатливо решение за спорпт со името што е можно побрзо, а самитот е уште една причина плус. Сигурна сум дека проширувањето на НАТО ќе биде тема на самитот. Јасно кажавме дека поддржуваме проширување, но земјите што сакаат да се приклучат треба да исполнат одредени стандарди за членство“, изјави Мари Харф-заменик портпарол на Стејт Департментот.

Украинскиот Премиер Арсениј Јатцењук од Вашингтон го обвини НАТО дека е одговорен за ситуацијата во Украина и во Грузија, поради одлуките на самитот во Букурешт, каде Македонија не доби членство, а Грузија и Украина не почнаа Акциони планови за прием во Алијансата.

Поради ситуацијата во Украина, дефинитивно на самитот во септември ќе биде разговарано и за проширувањето на НАТО.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ