Се прошируваат капацитетите за ковид- пациенти
Од утре почнува да работи ковид-центарот на Клиниката за очни болести. На помош доброволно се вклучуваат млади лекари- приватни специјализанти. Состојбата во градинките засега под контрола...

Се пребројува медицинскиот персонал, се бараат слободни места на интерните клиники. Според министерот за здравство Филипче состојбата е сериозна. Посочува дека во моментов се соочуваме со силен бран на вирусот и наплив на болни, по состанокот со директорите на интерните клиники. Поради алармантната состојба, наскоро 30 млади лекари- приватни специјализанти доброволно се вклучуваат во работата на ковид- центрите. Со работа почнува и ковид- центарот на Клиниката за очни болести.
„Наша цел е ниту еден пациент да не остане без лекарска грижа, а во исто време да не ја намалиме ниту редовната програма на клиниките за акутните и хроничните пациенти“, вели министерот Филипче.
Во градинките состојбата е стабилна уверува ресорната министерка Шахпаска. Според податоците, 21 дете и 179 вработени се заболени или во изолација. Посочува дека ситуацијата се следи. Според Шахпаска, протоколите за работа во градинките строго се почитуваат.
Во услови на пандемија, Министерството за труд ќе ги развива социјалните услуги. Вкупно 17 општини потпишале договори за помош на стари лица и лица со попреченост во домовите и дневните центри.
Дијана Ценевска
