Предлог- буџетот за 2021 година следната недела во Собрание

19.11.2020 10:16

Расправата, согласно Деловникот на Собранието, во Комисијата може да трае до 10 работни дена, потоа со дополнување, доколку има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница.

Следната недела почнува собраниската расправа по Предлог-буџетот за наредната година. Расправата почнува во матичната Комисија за фианансирање и буџет, закажана на 24 -ти овој месец. Расправата, согласно Деловникот на Собранието, во Комисијата може да трае до 10 работни дена, потоа со дополнување, доколку има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница.

Владата го усвои Предлог-буџетот минатата недела на 11-ти ноември, а министерот за финансии наредниот ден, на 12-ти ноември, го достави до Собранието, предавајќи го официјално на претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

Буџетските приходи се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Во фокусот на овој буџет се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи.

Очекувањата се дека ефектите од рестриктивните мерки поради пандемијата во следната година ќе ослабнат и се очекува растот на економијата да достигне 4,1 отсто и 4,6 отсто во 2022 година.