Формула 1

Хамилтон на пол

15.03.2014 09:15

Дожд, нов звук на болидите во новата ера на турбомоторите, константни пролизгувања, неколку излетувања и пол позиција за Хамилтон го обележаа стартот на новата 65-та сезона во Формула 1 шампионатот...

Квалификациите за првата трка во сезоната –големата награда на Австралија ја донесоа посакуваната неизвесност , ја потврдија доминацијата на моторот на Мерцедес, но и подобрените перфоманси на Рено. Во комплексни услови на влажната патека во Алберт парк третата сесија од квалификациите му припадна на шампионот од 2008-та Луис Хамилтон потврдувајќи ја одличната форма на Мерцедес надополнето со третото време на Нико Росберг, додека боите на Ред Бул ги одбрани Даниел Рикардо со второто време оставајќи го далеку зад себе актуелниот шампион и тимски колега Себастијан Фетел кој не влезе во завршната сесија од квалификациите и ќе стартува какао 13-ти.

Одлично деби на данецот Магнусен во болидот на МекЛарен-4-то време, Алонсо по погрешната одлука да вози на интермедија додека сите други беа на гуми за влажна патека му го донесе само 5-тото време, а за напредокот на Рено потврда се 6-тата и 8-та позиција на Верњ и Квјат во болидите на Торо Росо. Меѓу нив седми е Хулкенберг, а двоецот на Вилијамс, Маса и Ботас ги заокружија првите десет на стартот.

Вториот возач на Ферари, Кими Раиконен излета во вториот дел од квалификациите и трката ќе ја почне од 12-тата позиција, а единствен без време остана Малдонадо кој никако неможеше да го исконтролира болидот на Лотус.

Стартот на првата трка во новата сезона е утре изутрина во 7 часот, а 5 минути порано ќе стартува и преносот на првиот програмски сервис на МРТ.