Само 150 туристички водичи ќе добијат помош од државата

19.11.2020 12:19

Двеста туристички водичи од Охрид и речиси илјада од државата, за прв пат се опфатени во четвртиот пакет економски мерки на Владата, но само 150 од нив ќе добијат финансиска поддршка. Велат дека се незадовлни, помошта е мала...

Туристичките водичи незадоволни од финансиската поддршка на владата. Сметаат дека помошта е мала и недоволна. Двеста туристички водичи од Охрид и околу илјада од државата за прв пат се опфатени во четвртиот пакет економски мерки на владата, но само 150 од нив ќе добијат финансиска поддршка.

Од амбасадори на културното наследство во пандемијата станаа социјала, живеат на работ на егзистенција.

„За жал голем дел од нашите колеги ќе останат без помош и ќе мораат да се снаоѓаат како знаат да ги пребродат овие тешки моменти на ковид криза. За брзо ќе се соочиме со креирање на една група на луѓе кои ќе имаат проблеми да прежиеват да состават крај со крај“, вели Климент Наумов претседател на Здружение на водичи од Охрид.

Туристичките водичи требаше да добијат поддршка и во претходните економски пакети, бидејќи приходите годинава им се нула.

„Дел од тие средства требаше уште во првиот и вториот пакет да се прераспределат на туристичките водичи. Сепак обидот беше да се спаси туризмот, а туризмот ќе се спаси доколку имаме едно сеопфатно делување и доколку сите чинители бидат дел од тие пакет мерки“, додава Наумов.

Право на аплицирање ќе имаат туристички водичи кои не се во редовен работен однос. Со мерката е предвидено износот на грантот да изнесува 65.000 денари по апликант. Оваа мерка ќе се реализира во ноември и декември годинава и за истата во Буџетот се обезбедени 9.800.000 денари.

Соња Рилковска