Реакции по бугарското вето

19.11.2020 13:35

Не може да се развиваат добрососедски односи меѓу земјите, со негирање на минатото на народите, нивните јазични и културни вредности, оцени Советот на амбасадори, по ветото на Бугарија за почнување на преговори на државава со Европската унија. Во утринското интервју на Бугарската национална телевизија, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Каракачанов вели, бугарската реакција не е задоцнета, бидејќи ова прашање ќе се најде повторно на агендата до крајот на годината...

По блокадата од Софија за почетокот на пристапните преговори со Европската унија се огласи Македонскиот совет на амбасадори.

Не може да се развиваат добрососедски односи со негирање на минатото на народите, на нивните јазични и културни вредности од позиција на примена на вето, како ексклузивно право на земја- членка кон земји- кандидати или аспиранти- е реакцијата на Советот.

„Со овој непримерен чин, Република Бугарија не се претстави пред светот како европски ориентирана земја“, оцени Советот. Оттаму сметаат дека доколку се пропушти можноста за соодветно решение до и на самиот Самит на ЕУ, ќе биде испуштена приликата за корекција на принципот на општ консенсуз при донесување на одлуките со посовремен и поефикасен начин на одлучување.

Од другата страна на границат,а во утринското интервју на Бугарската национална телевизија, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Каракачанов обвини- антибугарската реторика и после 30 години независност е главна кај политичката елита во Северна Македонија, тоа се докажа и преку неисполнувањето на Договорот, освен од време на време добронамерните изјави од Зоран Заев.

Бугарската реакција не е задоцнета бидејќи ова прашање ќе се најде повторно на агендата до крајот на годината додека Германија претседателствува. Обвини дека Македонија не престанала да ги финансира своите агенти во Бугарија за создавање малцинство во неговата земја. И дека токму тоа им го предочил на македонските политичари.

„Тоа што го правите не е добро. Разговарате со нас, а зад грб ја оцрнувате Бугарија. И нема кој да не притисне, натпреварот заврши тој ден. Од сега натаму, постои можност, доколку Македонија е подготвена, до крајот на годината да се обнови дневниот ред, прашањето за преговори да се стави на агендата, но тоа е само теоретски. Останува само еден месец до крајот на германското претседателство така што реална можност не постои“, смета Каркачанов.

Поранешниот амбасадор на Германија во Македонија и Бугарија, Клаус Шрамајер предупреди дека со ветото Софија се изолираше и го изгуби не само своето влијание врз Скопје, туку и довербата на сите балкански земји, и пошироко. Тој го тврди спротивното, дека Каракачанов е поранешен агент на Бугарската тајна служба, кој стана лидер на една од малите националистички партии, ВМРО и министер за одбрана, и кој верува дека може да го уценува не само бугарскиот премиер Борисов, туку и цела Европа.

 

Фиљана Кока