Славите со домашните, здравјето најважно

19.11.2020 13:45

Славите да се прослават во кругот на семејството, во овој момент најважно е да се внимава на сопственото здравје, апелираат здравствените работници, но и свештените лица. И граѓаните се согласуваат дека не треба да има големи собири, но велат сепак ќе ги испочитуваме верските обреди...

Започна периодот кога голем број семејства ширум државата ги чествуваат домашните православни празници. Домаќините по традиција по верските обреди во црква, гостите ги пречекуваат во своите домови. Но како ќе се прославува во време на епидемија, кога здравствените работници, па дури и црквите апелираа да нема големи собири во затворен простор, граѓаните да бидат одговорни, да се слави во кругот на семејството.

„Да се замине во црква, колач да се пресече и толку, тоа важи за сите верници, да се држат до правилата за пандемија“- вели еден кумановец.

Mојата слава помина, бев сама, децата на страна, сечев колач, еден ручек“- истакнува една кумановка.

„Поради оваа пандемија не смеам кај брат да заминам, а не на слава некаде“- дополнува повозрасен граѓанин.

„Ќе слават тие во што се во куќа, доколку наиде пак некој не можеш да го вратиш, но сите знаат дека не треба да се собираат и не се ниту собираат“-нагласува кумановка.

Од Кумановско-осоговската епархија апелираат во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил, граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, но и на здравјето на послабите, бидејќи како што велат тоа е наша одговорност како христијани.

„Од нашето искуство како свештеници што поминавме по домовите да осветиме вода, сите луѓе се свесни за ова што ни се случува и коментарите беа дека ќе бидат во најтесен круг од семејството организирани, што е добро, затоа што секако сликата не е сјајна“, вели отец Игор Здравковски, од Кумановско- осоговска епархија.

Од таму посочуваат и дека верниците во црквите влегуваат со маски, држат дистанца, а зголемен е и бројот на свештеници, кои ги пресекуваат славските колачи. И комисијата за односи со верски заедници неодамна упати апел до граѓаните, да ги почитуваат протоколите за заштита, велејќи традицијата не е загрозена таа ќе опстои, но колективното здравје е во сериозна закана.

 

Елена Георгиевска