Австралиски специјалци осомничени за 39 убиства во Авганистан
„Поранешни и активни војници на Австралија убивале авганистански цивили од 2009 до 2013 година“, се наведува во извештајот од истрагата на австралиската одбрана. Војниците беа распоредени во 2002 година и учествуваат во операциите на коалицијата предводена од САД која се бори против Талибанците.

Австралиските власти соопштија дека 19 сегашни и поранешни војници ќе бидат испратени до специјален истражител поради можно кривично гонење за наводно убиство на 39 лица во Авганистан. Од 2009 до 2013 година, осомничените ликвидирале затвореници, земјоделци и цивили кои биле заробеници и заштитени со меѓународното право. 423 очевидци дале изјава во истрагата која почна пред четири години по добиени информации од укажувачи и медиуми. Во овој временски интервал биле разгледани над 20.000 документи и 25.000 фотографии. Пронајдени се докази дека почетниците учеле да убиваат пукајќи кон затвореници во вежба која ја нарекувале „лов на прва крв“, а за да го прикриеле злосторот, до телата на убиените ставале оружја и други предмети. Државниот врв на Авганистан, кој доби телефонско извинување од официјална Канбера, засега без конкретен коментар за извештајот.
„Ваквото однесување претставува екстремно непочитување на довербата која ни ја даде авганистанскиот народ кој побара помош од нас. Овие наоди се доказ за најсериозно непочитување на воениот кодекс на однесување и професионалните вредности. Убивањето, незаконското убивање на цивили и затвореници е неприфатливо“, изјави Ангус Кемпбел, шеф на одбранбените сили на Австралија.
Војниците на Австралија беа распоредени во Авганистан заедно со американските трупи по нападите на 11 септември во 2001 година. Меѓународниот кривичен суд веќе почна истрага за наводни воени злосторства и од војниците на САД и другите страни во авганистанскиот конфликт. Ќе се испитуваат операциите на талибанците, владините сили и американските трупи од мај 2003 година.
Маја С. Филдишев
