Прилеп: Пациенти се лекуваат со ковалесцентна плазма, капацитетите се прошируваат

19.11.2020 14:24

За првпат, во прилепското инфективно одделение се лекуваат пациентите со конвалесцентна плазма. Има многу доброволци. Болницата, со инфективното ги преполни капацитетите. Ќе се стави во функција и гинеколошкиот оддел...

Двајца пациенти на прилепското инфективно одделение почнаа да се лекуваат со конвалесцентна плазма. Ова е првпат на одделението да се дава плазмата. Досега одеше преку скопските клиники. Од Трансфузија, задоволни од големиот одзив на доброволци. Само вчера дури 16.

Сите ковид-оддели во болницата се максимално полни. Хоспитализиртани се 116 пациенти. Се бара кревет повеќе. Денеска очекуваат оздравување на пет-шест пациенти за да се ослободи место. Болницата го става во функција гинеколошкиот оддел.

Медицинскиот кадар останува и на работ на силите, но и на бројноста.  Идната недела се очекува да се врати персонал кој беше заразен со Ковид-19. Се снаоѓаат и со боците за кислород на одделите зашто од сите хоспитализирани, 70-ина се на кислородна поддршка.

Болницата кубури со реагенсите за Д-димери во лабораторијата, битни за тешките клинички слики. Во Прилеп моментално се активни над 900 и има 100 смртни случаи. Стапката на смртност од 4,5 насто зависи од големиот број заразени. Само вчера беа речиси 100 нови случаи, а преку 2.300 од почетокот на пандемијата.

 

Елизабета Митреска