Битиќи: Сѐ уште не е време за полициски час

19.11.2020 16:27

Сѐ уште не е време за воведување полициски час, донесените мерки и препораки дават резултат, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој смета дека со скратување на работното време на фирмите ќе се зголемат нивните загуби, во време кога владата им помага да го амортизираат ударот од кризата...

Буџетот за 2021-ва е конципиран да даде одговор на предизвиците со кои се соочуваат економијата и граѓаните, а се последица на социо-економската криза од Ковид- 19, но истовремено да овозможи развој и да влијае на постепена консолидација и стабилизација на економските текови, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Според него засега не се предвидува воведување полициски час во земјава.

„Се уште не е дојдено време за полииски час.Мерките што се донесени од здравствен аспект даваат резултат,но секако ја следиме здравствената состојба и по препораките на Комисијата за заразни болести секако ,ако тоа е потребно, ние ќе реагираме.Што се однесува до економските последици ,секако дека тие се поврзани .Ако го кратите времето на работење на економските субјекти , за толку повеќе и загубите се очигледни. Ние кажавме дека ако тоа е случај ,заради здравствената криза , соодветно ќе одговориме со економски мерки“, изјави премиерот Битиќи.

Законот за финансиска поддршка на граѓаните е во собраниска процедура и законското решение не е дефинитивно,вели Битиќи , но предлогот предвидува обврска за банките да ги вратат во вуџетот неискористените пари од граѓаните.

„Има граѓани чии што трансакциски сметки воопшто не се активни или пак се активни, но воопшто не ги користат. Можно е да не се овде или пак од различни причини. Во такви случаи банките имаат увид во секоја трансакциска сметка, нема потреба од дополнителни чекори за да се провери дали се потрошени парите или не. Во тие случаи ќе се постапи соодветно и средствата ќе се вратат во буџетот, за да се искористат за друга намена“, изјави Битиќи.

Договорите на државата со инвеститорите што не ги реализирале преземените обрски ќе бидат раскинати,најави Битиќи, коментирајќи ја информацијата дека за два месеца биле раскинати 4 договори со странски компании. Тој најави дека ќе бидат потрошени дополнителни средства за подобрување на инфраструктурата на ТИРЗ-овите за да се поддржат проекти како што е „Дура аутомотив“ со инвестиција од 100 милиони евра и 500 вработувања во наредните две години.

 

Свето Николовски