Пандемија

Советот за безбедност предложи прогласување кризна состојба

19.11.2020 16:46

Заврши седницата на Советот за безбедност. До Владата предлог да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава во траење од 30 дена. Одлука ќе се донесе најдоцна до утре. Ова ќе овозможи целосна соработка меѓу војската и полицијата, како и можност владата да менаџира и со ресурси од приватните здравствени установи, кои ќе бидат компензирани за услугите. Надлежните велат, нѐ очекува критичен период во кој ќе има потреба од болнички капацитети...

Триесет дена кризна состојба на територијата на цела држава ѝ предложи Советот за безбедност на Владата. Во овој период државата ќе може да менаџира со капацитетите и со кадарот и на приватните болници, а во борбата со коронавирусот целосно ќе биде ангажирана и Армијата. Претседателот Пендаровски појаснува управувањето со приватните ресурси не значи дека ќе бидат национализирани или одземени. А кризната состојба нема поврзаност со полициски час и други рестриктивни мерки.

Нѐ очекува критичен период – посочи министерот за здравство Филипче. Бројот на заразени ќе биде линеарен и можно е да има потреба од дополнителни здравствени капацитети. Се прави план и распоред како ќе се вклучат капацитетите, но и кадарот на приватните клиники, кои за услугите ќе бидат обештетени според законот.

Во Македонија за прв пат ќе биде прогласена кризна состојба на целата територија. Претходно беше воведена околу јужната и источната граница поради напливот на мигранти.

 

Андријана Атанасовска