Разговор.мк: Ментално здравје за сите

Георги Михаилов: Сакаме да допреме до животите на милиони луѓе

20.11.2020 11:24

Талкајќи по решенија за полесно справување со предизвиците коишто ни ги донесе новото време, низ безконечниот простор и пристап до информации наречен интернет, наидовме на платформата РАЗГОВОР.МК чиешто мото е “Ментално здравје за сите”...

Честопати слушаме дека стресот е болеста на новото време. А, од популаризазцијата на оваа илустрација до денес имаме уште една понова болест која ни донесе уште поново време — Ковид-19 пандемијата е во полн ек и успеа целосно да го промени секојдневието речиси секаде  во светот. Стресот и менталното здравје никогаш не биле волку важни, а изолацијата за сметка на пандемијата како да ги истурка овие аспекти на човекот во фокусот. Со ова се соочуваме сите и факт е дека ни е потребна квалитетна ментална хигиена за која се’ повеќе се зборува додека учиме како да функционираме во популарно нареченото “ново нормално”.

Талкајќи по решенија за полесно справување со предизвиците коишто ни ги донесе новото време, низ безконечниот простор и пристап до информации наречен интернет, наидовме на платформата РАЗГОВОР.МК чиешто мото е “Ментално здравје за сите”.

Целосно во согласност со мотото, тимот на РАЗГОВОР.МК се состои од психолози од различни возрасни групи и специјалности, што значи дека соодветна помош и советување може да добие секој оној кој ќе побара. Колку едноставно.

За да ви ја доближиме платформата зборувавме со дел од тимот на РАЗГОВОР.МК, но заради обемноста на тематиката, овој наслов ќе биде поделен во два дела. Во овој, прв дел, се фокусираме на основањето на платформата и нејзината цел. Низ ова не’ води Георги Михаилов, дипломиран економист со фокус на финансиски менаџмент, основач на платформата. Во вториот дел ќе навлеземе потемелно во значењето на грижата за менталното здравје низ призмата на Ирина Николовска, дел од тимот психолози на РАЗГОВОР.МК.

Со цел подобро да ни претстави како дошол до идејата за РАЗГОВОР.МК, Георги Михаилов ја раскажува својата професионална приказна:

“Пред нешто повеќе од 3 години одлучив дека ќе биде добро да научам да кодирам доколку сакам да ја живеам иднината денес и ја избрав академијата на Brainster. По моето иницијално запознавање со програмирање во оваа академија, малку работно искуство и фактот дека бев благословен со незнаењето за тоа што значи претприемништво, решив да основам компанија. Кратко по ова, се роди и идејата за РАЗГОВОР.МК. Во принцип, апликацијата ја направив за себе. Иако како млади луѓе сите се соочуваме со лични предизвици, никогаш претходно немав разговарано со психолог, дел од стигма да не ме види некој како влегувам во канцеларија на психолог, а и дел бидејќи мислев дека нема да можам да си го дозволам тоа од финансиски аспект. Од тука произлегоа главните функционалности на апликацијата, анонимна, лесна за користење и пристапна за сите. Денес можете да закажете разговор (300-700 денари) и за еден клик од моментот кога сте закажале да разговарате со вашиот психолог! Неколку месеци по зачетокот на идејата, мобилната апликација функционира и горди сме што до сега над 1500 луѓе ја имаат превземено истата.”

Михаилов ни открива и дека голем процент од луѓето кои ја искористиле платформата  за да зборуваат со психолог еднаш, продолжуваат тоа да го прават и понатаму и тоа ова се однесува на луѓе кои никогаш порано не зборувале со психолог и токму овој факт е најголемиот мотив за тимот на РАЗГОВОР.МК да продолжи понатаму.

“Сакаме да изградиме интернационална компанија и да допреме до животите на милиони луѓе. Нашата мисија е да им овозможиме на психолозите од земјите во развој пристап до пазарите во развиените земји.  Ова ќе има импакт и врз економскиот развој и развојот на психологијата генерално во Македонија и сличните земји од една страна,  а од друга страна ќе ја направи оваа услуга далеку попристапна за луѓето во развиентие земји.” -дополнува тој.

Меѓу другото, можеби и најважната цел на апликацијата е да се побие стигмата околу посетата на психолог и отворање на луѓето по ова прашање, па во таа насока тимот работи на овозможување на корисниците да креираат профили на платформата со што би можеле да го следат својот прогрес и истиот да го споделат со своите пријатели.

Георги Михаилов е вистински позитивен пример кога станува збор за грижата за менталното здравје. Вели дека често разговара со психолозите на платформата, но тие тоа не го знаат бидејќи корисниците на платформата остануваат анонимни. Покрај ова, практикува и спортско качување, 100% ужива во борбата со самиот себе и својот мир го наоѓа во природните карпи.

За сега, платформата е достапна само преку Андроид мобилна апликација. Заинтересираните можат во секое време да го посетат веб сајтот РАЗГОВОР.МК, но за да остварат разговор со психолог мораат да имаат андроид апликација. Тимот во моментов напорно работи на овозможување на апликацијата и за корисниците на iPhone уреди, а потоа и како веб апликација.

Јана Бурческа