Хотелиерите најавуваат протести доколку не се сменат условите за субвенционирање

20.11.2020 13:33

Хотелиерите од Охрид и Струга најавуваат протести пред Владата доколку не се сменат условите за субвенционирање на платите. Најголем проблем според нив е условот да ги задржат на работа сезонските работници кои работеа во шпицот на сезоната и сега кога дури педесет проценти од хотелите ставија клуч на вратите...

Дури 60% од вработените на неопределено време во хотелите на Охридско-струшкото крајбрежје немаат добиено плата за октомври. Причина за тоа според хотелиерите е несоодветното законско решение за субвенционирање на платите кое што предвидува задржување на работа на сите лица кои биле ангажирани во текот на летото. Тоа е нелогично, велат тие, бидеќи во шпицот на сезоната секогаш се вработуваат сезонски работници кои се отпуштаат по нејзиното завршување.

„Сега само заради нив не добиваме исплата за останатите да речам над 100 вработени што ги чуваме по цела година, па сега за месец ноември и декември законски како што гледаме за да добиеме подршка треба да ги вратиме сезонците, а ние ги затвораме хотелите“, изјави Крсте Блажески, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Иако дел од мерките беа добри, има пропусти кои што мора да се отстранат, велат хотелиерите. Повеќето од нив се задолжиле за да опстанат во услови на пандемија.

„70% се фиксни трошоци од кои најголем дел припагаат на плати за вработените. Ние во услови на криза ги задржавме сите вработени , имаме над 140 вработени кои се задржани на своите работни места. Тешко опстојуваме бидеќи приходите сега се на нула“, вели Филип Мишевски-хотелиер.

Хотелиерите по трет пат упатуваат апел до владата да се сменат условите за субвенционирање на платите. Доколку и овој пат не добијат никаков одговор најавија протести.

 

Сашо Нелоски