Континуиран раст на црните бројки во светот
Многу земји соборуваат неславни рекорди по бројот на новоинфицирани и починати од Ковид-19. Мексико ја надмина бројката од 100 илјади смртни случаи и се искачи на четвртото место во светот. Гувернерот на Калифорнија нареди воведување полициски час по растот на бројот на заболени. Европската унија ќе плати речиси 10 милијарди евра за вакцини.

Продолжува борбата со коронавирусот низ светот. Во Бразил речиси 36 илјади новозаболени, повеќе од 600 мртви. Во Мексико бројот на починати достигна 100 илјади. Многу земји соборуваат неславни рекорди по бројот на новоинфицирани и починати.
Хонгконг од понеделник ја прекинува наставата за учениците од основните училишта, откако властите предупредија дека здравствената ситуација се влошува. Претходно беа затворени и градинките. Во Австрија во последните 24 часа се регистрирани близу 7.000 нови случаи, и над 100 починати. Околу 100 починати има и во Унгарија, во главно постари луѓе со дополнителни болести. Украина бележи рекордни повеќе од 14.000 случаи на Ковид-19 за само еден ден.
Мексико ја надмина бројката од 100 илјади смртни случаи со што земјата се искачи на четвртото место во светот. Директорот на епидемиолошката служба во земјата рече дека Мексико официјално се зад САД, Бразил и Индија.
„Имаме 2.649.000 лица идентификувани како сомнителни случаи на Ковид-19, кои се под медицински надзор. Од оваа група, 1.244.739 лица, односно околу 37%, не идентификуваа присуство на вирусот. Позитивни се 1.019.543 лица“, изјави Хозе Луис Аломија Сегара, директор на Епидемиолошката служба на Мексико.
Гувернерот на Калифорнија нареди воведување полициски час по растот на бројот на заболени. Со наредбата која ќе биде на сила еден месец, се ограничува бројот на луѓе на домашни собири и активности на отворено.
10 милијарди евра за вакцина против Ковид-19
Европската унија ќе плати речиси 10 милијарди евра за да обезбеди стотици милиони дози вакцини што ги развиваат „Фајзер“, „Бајонтекс“ и „Кјуревак“. Според официјалниот претставник, блокот се согласи да плати 15,50 евра по доза за вакцината против Ковид-19, развиена од „Фајзер“ и „Бајонтекс“.
СЗО: Да не се користи лекот Ремдесивир
Светската здравствена организација соопшти дека нема доволно докази за делотворноста на антивирусниот лек Ремдесивир во лекувањето на пациенти болни од Ковид-19.
Организацијата советува тој да не се користи во терапијата на хоспитализираните пациенти без разлика дали имаат тешка форма на болеста.
Препораката доаѓа точно еден месец откако лекот беше одобрен од американската управата за храна и лекови за лекување.
Марина Ристова
