Децата не доаѓаат на свет со упатство за употреба, улогата на родителите е клучна за формирање здрава и стабилна личност
Среќно дете е здравото дете. Еве неколку совети од светски познати педијатри и психијатри за воспитување и здраво растење на децата...

Сите се трудиме да бидеме најдобри родители, на некои им оди лесно и добро , а некои не можат да се справат со предизвиците и дилемите што е најдобро за детето. Среќно дете е здравото дете. Еве неколку совети од светски познати педијатри и психијатри за воспитување и здраво растење на децата.
Психотерапевтката Ени Морин дава неколку совети што не треба да прават родителите за да имаат ментално здраво и силно дете кое што ќе се справи со сите животни предизвици. Потребно е да се вежба умот, а не да се уништуваат шансите детето да се развие во ментално силна и стабилна личност.
Никогаш не треба да се поддржува улогата на жртва иако детето има неуспех на некое поле. Тоа се поправа, но чувството дека е за жалење, дека е жртва ќе му ја разниша самодовербата. Разочарувањата, отфрленоста и неуспесите се составен дел од животот. Треба да се учи да завзема оптимистички став, да се избори за себе, наместо да се повлече и да се самосожалува.
Родителите не треба да чувствуваат вина ако нешто му забранат на детето, потоа чувствуваат грижа на совест , па ја менуваат одлуката. Така детето се учи дека може да манипулира со емоциите на родителите. Родителите треба да бидат истрајни во одлуките.
Не треба да се прави од детето центар на универзумот. Тоа ќе го очекува од сите луѓе што ќе ги среќава, а бидејќи ќе се соочи со спротивното , тоа ќе влијае на самодовербата и снаодливоста. Не им допуштајте на децата да бидат главни. За одредени работи што го засегаат само детето, има право на избор, но, поголемите одлуки треба да зависат од потребите на целото семејство.
Не треба да се дозволува стравот да управува со нивниот живот и со изборите што ќе ги направи детето. Ако го држите во стаклено ѕвоно го спречувате детето да се развие во самостојна и зрела личност. Ако родителите се плашливи, такви ќе бидат и децата. Покажетему на детето дека вие немате проблем да се соочите со стравот. Грижа да, но, не претерано заштитничко однесување. Дозволете му да зачекори во живото и да учи од сопствените грешки.
Не треба да се очекува совршенство, но треба да се поттикнува да прави најдобро што може според сопствените капацитети, а не според нашите очекувања. Научете ги секој ден да бидат се подобри луѓе.
Не им дозволувајте да ги избегнуваат обврските, освен училишните, давајте им и дрги задачи. За да се научат да бидат одговорни, родителите мора да им даваат задачи согласно со возраста , да си направат сендвич, да си ја средат собата итн.
Децата не треба да се заштитуваат претерано ниту од лоши емоции, зашто тие се дел од живот. Кога ќе ги доживее, ќе научи полесно да се справува со нив. Вие треба да им бидете поддршка, да научат дека се е минливои менливо.
Не превземјате секогаш одговорност за чувствата на детето. Ако постојано го тешите, го смирувате практично ја превземате одговорноста за неговите чувства. Така се создава личност која постојано ќе бара однадвор стимуланс за да му биде добро, наместо јака личност која сама се справува и не му требаат други за да се чувствува добро.
Не го спречувајте да направи грешка. Грешките се најдобрите животни учители и прилики да станат попаметни и посилни.
Не мешајте ја дисциплината со казната. Казните предизвикуваат лошо чувство и поттикнуваат да се плаши, а дисциплината и самодисциплината е начин да се научи како да создаде најдобра иднина и да прави најдобри избори.
Не користете пократок пат за да се избегне непријатноста. Потребно е да се создаде трпение , истрајност , а не да се избегнуват непријатните обврски.
Не заборавајте ги вистинските вредности во животот и давајте им подстрек на децата да го живеат животот со смисла, во склад со вистинските хумани вредности.
Украинскиот педијатар и автор на 15 книги за нега на децата, Евгениј Олегович Комаровски препорачува неколку важни совети за родителите.
Среќно дете е она што има мајка и татко кои имаат време да го сакаат детето, но имаат време и да се сакаат еден со друг.
Среќно дете е здравото дете, а дури потоа детето што свири виолина или зборува 3 јазици.
Психичката благосостојба на мајката која се грижи за децата е најважната задача за таткото.
Ниту 100 најдобри педијатри нема да ги решат здравствените проблеми на детето, затоа што неговото здравјето повеќе зависи од мама и тато отколку од сите доктори заедно.
Не заборавајте дека детето никому ништо не му е должно.
Докторот Комаровски на родителите што често доаѓаат со болешливи деца им препорачува да земат куче, зашто поради обврската да го шетаат два пети дневно , барем ќе го изнесат на прошетка и своето дете . Препорачува и болешливото зачмаено градско дете наместо да го носат во скапи хотели на монденски места да го однесат во село да се истрча на чист воздух, што сигурно ќе го направи посреќно и поздраво, отколку хотелите со 5 ѕвездички.
Среќата и здравјето на семејството се најважни. Семејството треба да се однесува согласно со потребите на сите , ане само на детето. Треба да научи се да дели, а не да смета дека е центар на светот и неприкосновено, а другите постојат да му служат нему. Важно е да не се жалиме постојано и да го научиме детето на добро расположение.
Денеска е светски ден на детето, а овие многу значајни совети се важни колку и правата и благосостојбата на децата.
Соња Стојановска
