Кандидатите за градоначалници се обврзаа на фер и демократска кампања
Пред стартот на изборната кампања за градоначалник во Штип, петмината кандидати денес ставија потпис на Кодексот за фер и демократски избори. Од утре до 10-ти декември своите програми ќе ги доближат до гласачите преку електронските медиуми, без средби со граѓаните...

Петмината претенденти за градоначалничката функција во Штип го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Очекуваат афирмативна кампања на која заради пандемијата нема да има средби со граѓаните, а своите програми пред гласачите ќе ги образложат преку класичните и социјалните медиуми
Без проблеми се реализираат и подготовките за денот на изборите и во Општинската Изборна Комисија. До петти декември онлајн може да се пријават за гласање од дома ковид позитивните и лицата во изолација, како и болните и изнемоштени лица.
Гласањето на овие избори за градоначалник ќе се одвива три дена, на 11, 12 и 13 декември. Први гласаат ковид позитивните и оние во изолација за кои се подготвуваат пет избирачки тимови со медицински лица, а на 12 декември ќе гласаат болните и затворениците. На 13 декември, гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.
Славица Величковска
