Владата прогласи 30- дневна кризна состојба
Владата донесе одлука за кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Ќе му предложи на Претседателот да ја ангажира Армијата во справувањето со пандемијата. Главниот штаб доби задача за акциски план...

Владата донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на државата заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија од Ковид-19 и за спречување од негово ширење во зголемен обем, со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.
Како што се вели во сопштението на Владата, оваа одлука е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата.
Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20-ти ноември 2020-та година, и за оваа Одлука, Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.
Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на државата да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба.
Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест Ковид-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално- технички ресурси и план за координирано дејствување.
Игор Панов
