Кризна состојба

Поголема координација и асистенција од војската

22.11.2020 17:29

Македонската војска само ќе ѝ асистира на полицијата, нема самостојно да дејствува. Првиот човек на главниот кризен штаб, Стојанче Ангелов, со појаснување како ќе функционира земјава во овие триесетина дена. Засега вели, нема потреба од армиските здравствени капацитети. Преку штабот ќе се подобри координацијата за поефикасно справување со пандемијата...

Главниот штаб почнува со операционализирање на активностите. Министрите за здравство и за внатрешни ќе дефинираат кој, каде и како ќе биде распореден на точките за обезбедување и заштита на болниците, персоналот и граѓаните. Војската само ќе ѝ асистира на полицијата во овие дејствија, вели директорот на ЦУК кој раководи со Главниот штаб, Стојанче Ангелов. Армијата нема да презема самостојно дејствија. На местата каде ќе биде потребно обезбедување, Армијата без оружје ќе им помага на полициските службеници со овластувања, додава тој.

Сега кога државата не исклучува да ги има на рапослагање и приватните здравствени капацитети, нема да има потреба од армиските здравствени капацитети. Приватниот сектор воопшто ќе може да се ползува секогаш кога одредени институции ќе имаат потреба. Координацијата, објаснува првиот човек на штабот, ќе биде со цел одржување во добра кондиција на здравствениот систем и употреба на сите капацитете за таа цел.

Менаџирањето ќе се одвива исклучиво во насока меѓу институциите. Ништо не е поразлично во овој период од претходните кога земјата беше во вонредна состојба, вели Ангелов. Сега само акцискиот план ќе се остварува по точно утврдена динамика и согласно потребите на граѓаните и здравствениот систем.

Посебно внимание ќе се посвети на подигање на свеста за почитување на мерките за заштита од заразата, препорачани од Комисијата за заразни болести.

 

Фиљана Кока