Ковид-19

Речиси 1.300 хоспитализирани, слободни 130 кревети

22.11.2020 16:41

Министерот за здравство на средба со директорите на скопските клиники и болници, во кои има ковид-центри. Констатирано дека капацитетите брзо се пополнуват. Неделава на хирургија ќе се отворат дополнителни кревети. Во моментов, речиси 1.300 луѓе, позитивни или сомнителни на Ковид-19, се лекуваат во здравствените установи. Слободни се 130 легла...

Капацитетите на болниците во земјава забрзано се пополнуваат. На хируршките клиники, иднава недела ќе бидат отворени дополнителни кревети за лекување ковид- пациенти, но тие засега остануваат како резерва. На состанокот меѓу министерот Филипче и директорите на повеќе клиники во Скопје, каде се отворени ковид центри, како и Градската општа болница „8 Септември“, се разгледувала состојбата со хоспитализациите, начинот на функционирање на интерните клиники, бројот на слободни кревети, потребата од заштитна опрема. Анализата на досегашната поставеност на системот во интерните клиники покажала дека добро се функционира.

Речиси 1.300 луѓе, позитивни или сомнителни на Ковид-19 се лекуваат во болниците низ земјава. Остануваат уште 130 кревети. Од Министерството за здравство информирата дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со места до кои има довод на кислород.

Ресорот е во координација со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во Скопје има 474 пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Нови приеми има во сите болници и клиники. На Инфективна лежат 159 пациенти, во ГОБ „8 Септември“- 108. 30 има и во Иститутот за белодробни заболувања „Козле“, од кои 9 пациенти се деца. И покрај големиот број приеми сѐ уште има слободни места. Како се испишуваат пациенти, така се ослободуваат дополнителни легла.

По прогласувањето на кризната состојба, државата побара од приватните болници да помогнат со ковид кризата. Во ваква состојба на приватните болници ќе им се наплатува од страна на Фондот за здравство сума која им се дава на болниците од јавно здравство.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска