Лекот Фавипиравир пристигнува во македонските аптеки

23.11.2020 10:04

Агенцијата за лекови одобри увоз на антивирусниот лек Фавипиравир. Медикаментот кој сѐ повеќе го бараат болните од ковид, во земјава треба да пристигне неделава и ќе се најде и во македонските аптеки...

Агенцијата за лекови одобри увоз на антивирусниот лек Фавипиравир. Медикаментот кој сѐ повеќе го бараат болните од ковид, во земјава треба да пристигне неделава и ќе се најде и во македонските аптеки.

Досега овој лек нелегално се продаваше во Македонија. Се внесуваше и купуваше од Косово и Босна и Херцеговина, а цената само за една кутија се движеше од 75 па до дури 300 евра. Увозот на Фавипиравир е од Јапонија и Турција, а лекот се дава само во болнички услови и кај одредени форми од болеста.

Во изминатово деноноќие се потврдени нови 1.112 случаи на коронавирус. Биле направени 2.553 тестирања, што значи дека процентот на позитивни од тестирани изнесува 43,5 насто. Починале 24 пациенти, на возраст од 40 до 91 година, сите во болнички услови.

Битката со Ковид-19 ја загубиле петмина од Битола, четворица од Скопје, тројца од Прилеп, по двајца од Тетово и од Велес, по еден од Куманово, Штип, Охрид, Крива Паланка, Крушево, Кочани, Македонски Брод и од Виница. За оздравени се сметаат уште 709 пациенти.

Во моментов во земјава има речиси 21 илјада активни случаи, нешто помалку од половината во Скопје. Досега, како последица на коронавирусот починаа 1.511 пациенти.