Расте бројот на заразени во Домот за стари лица во Куманово
Десет корисници и двајца вработени од Домот за стари лица во Куманово се позитивни на вирусот. Влезот во домот е целосно забранет, а преземени се и сите останати заштитни мерки. Како што информираат од таму корисниците се со полесна клиничка слика. Услугите на домот во Куманово, кој е еден од поголемите во државата, во моментов ги користат 133 лица.

Расте бројот на заразени во Куманово, а коронавирусот влезе и во домот за стари лица „Зафир Сајто“. Десет корисници на домот и двајца вработени се позитивни на Ковид-19. Случаите се откриени по извршеното тестирање во кое биле опфатени 36 лица, кои претходните денови покажале симптоми слични на сезонски грип и веднаш биле изолирани. Во соработка со кумановската болница на корисниците веднаш им се извршени дополнителни анализи, земен e примерок крв, по што ќе се утврди терапијата.
„Сѐ уште се работи за полесна клиничка слика само се водат како позитивни, се надеваме дека ситуацијата ќе остане таква. И претходно имавме цел реон за изолација подготвуваме уште еден доколку има потреба, доколку вирусот продолжи да се шири, јас верувам дека персоналот има знаење и искуство и сите оние мерки кои што ги презедовме ќе дадат резултат и дека на некој начин ќе успееме да го спречиме ширењето на вирусот внатре во установата“, изјави Дејан Стојановски, педагог во Дом за стари лица Куманово.
За состојбата веднаш е информирано надлежното Министерство за труд и социјална политика. Услугите на домот во Куманово, кој е еден од поголемите во државата, во моментов ги користат 133 лица.
Во Домот за стари лица во Куманово од октомври повторно се на сила ригорозни мерки, односно целосно се забранети посетите. Ова не е прв пат домот да регистира позитивни на ковид-19 и во првиот бран имаше еден случај, тогаш една корисничка беше позитивна, но таа претходно се лекувала во кумановската болница. Позитивни на вирусот беа и двајца вработени.
Елена Георгиевска
