Професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ
Независноста, професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ, особено за оценувањето на економијата и од нив, во голема мера зависи и поддршката што фондот ја дава на секоја земја- членка, изјавил новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс – член на извршниот одбор на фондот и задолжен за нашата земја...

Независноста, професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ, особено за оценувањето на економијата и од нив, во голема мера зависи и поддршката што фондот ја дава на секоја земја- членка, изјавил новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс – член на извршниот одбор на фондот и задолжен за нашата земја, на првиот видео состанок со раководството на Народната банка, по започнување на неговиот мандат.
Во последните неколку месеци, вашата Централна банка докажа дека може да работи во согласност со високите меѓународни стандарди и добрите глобални практики, и потребно е да остане на веќе трасираната патека- нагласил Хилберс.
Коментирајќи ги актуелните околности со ковид- кризата, посочи дека е од исклучителна важност што во севкупниот период се одржува финансиската стабилност во земјата, а истовремено се спроведува и соодветна монетарна политика.
Гувернерката Анита Ангеловска- Бежоска ја истакна важноста на соработката со ММФ за економијата во целина и дека во тој контекст, особено се значајни залагањата на Конституенцата на којашто припаѓа нашата земја, соопштуваат од Народната банка.
„Народната банка во рамки на својот мандат, како и досега ќе го дава максимумот. Постојано ги следиме трендовите и потенцијалните ризици од контекстот на актуелната глобална криза, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно заради ублажување на ефектите врз економијата. Тоа дополнително ја засилува потребата од комуникација и соработка со ММФ, при што особено е значајна улогата на Конституенцата“, посочи меѓу другото Ангеловска- Бежоска.
На состанокот се разговарало и за најновите видувања на ММФ за македонската економија. ММФ очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.
