КОВИД-19

„Оксфордската вакцина“ против Ковид-19 е 70% ефикасна

23.11.2020 13:32

Британските власти и СЗО задоволни од напредокот во трката за наоѓање на соодветна вакцина за новиот коронавирус. „АстраЗенека“ и „Оксфорд“ евидентирале 70-процентна ефикасност, а британската влада веќе нарача 100 милиони дози. Германија и САД се меѓу првите кои ќе спроведат имунизација на населението...

Тестовите на „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд покажаа 70-процентна ефикасност на вакцината за сузбивање на новиот корнавирус. Цената ќе биде пониска во однос на износот што го најавија „Фајзер“ и „Модерна“, а поедноставно ќе биде и складирањето и доставувањето. Британската влада веќе порача 100 милиони дози, што ќе биде доволно за вакцинирање на 50 милиони луѓе. Во тестирањето беа вклучени десетици илјади волонтери од Велика Британија и Бразил.

„Важно е што веќе нема да одат луѓе на интензивна нега, и што ќе можат да бидат со роднините ако се во болница. Добро е и што ќе можам да се качам на воз и безгрижно да одам кај родителите. Мислам дека вакцината ќе смени сè“, изјави Лоис Бејкер, учесник во студијата на Оксфорд.

Во наредните неколку недели се очекува зелено светло од регулаторните тела, испорака на производот и имунизација.

„Навистина охрабрувачки вести од „Оксфорд“ и „АстраЗенека“ коишто ја имаа нашата поддршка од почетокот. Многу сум задоволен од овие резултати, податоци кои покажуваат дека вакцината во соодветната доза би имала ефикасност и до 90%“, изјави Мет Хенкок, министер за здравство на Обединетото Кралство.

„Следниот чекор ќе биде веројатно дозвола за итна употреба, што ќе значи дека ќе смее да се користи, но секој што ќе ја прими ќе треба да биде под надзор во одреден временски период за да се следат несакани дејства“, рече Дејвид Набаро, специјален претставник на СЗО.

Германија веќе подготвува центри за вакцинација до средината на декември, земјата обезбеди над 300 милиони дози преку Европската комисија, билатерални договори и преку други опции.

Вакцината повеќе од потребна и во САД кои остануваат на врвот на листата земји  со најмногу заболени лица. Таму се регистрирани 12,3 милиони случаи.

„Имаме соодветни системи, процедури, логистика за вакцината за ковид-19. Добивме информација дека во последните неколку дена, над 25 илјади здравствени установи го избраа „ЦВС“ за снабдувач со вакцини. Контактиравме со работната група на Бајден“, изјави Лери Мерло, извршен директор на „ЦВС хелт“.

Бројот на излечени пациенти е далеку помал од оној на заразени лица во светски рамки. Досега се инфицирале над 59 милиони. Од ковид-19 починале 1,39 милиони луѓе на глобално ниво.

 

Маја С. Филдишев