Тетово: Преполни такси- комбиња, забраната не се почитува
И покрај забраната за вршење на организиран превоз со целосен капацитет, денеска на главните булевари низ Тетово можеше да се забележи како некои такси комбиња се речиси преполни. Од полицијата велат дека има зачестени полициски контроли, но голем дел од прекршителите на владината уредба се опоменуваат...

Комби превозниците од Тетово кои вршат јавен превоз кон соседните општини чекаа на автобуските постојки да ги пополнат празните седишта и да тргнат кон одредена дестинација.
Позади камера раскажаа дека возење со половина капацитет е чиста загуба за нив. Полицијата често им прогледува низ прсти и покрај тоа што не ја почитуваа владината уредба.
Од полицијата велат дека на месечно ниво се казнуваат по неколку комби превозници и други оператори кои вршат јавен превоз, а не ја почитуваат владината уредба. Останатите претежно се опоменуваат, но за неносење на заштитина опрема во транспортот, велат, нема толеранција.
Дел од такси превозницте не сакаат да ризикуваат, па додека трае владината уредба за вршење на јавен превоз со половина капацитет одлучиле работата да ја стават во мирување. Сега поради немање редовни линии патниците од руралните општини мора да чекаат превоз и по неколку часови.
Ова е трета владина уредба во однос на ограничувањето на бројот на патниците во јавниот превоз. Во Тетово неколку месеци поради зголемен раст на бројот на заразени пациенти со Ковид-19, беше воведена и целосна забрана за возење на комби превозниците и такси компаниите.
Зоран Димовски
