Филипче: Хоспитализацијата на пациентите не зависи од возраста, секој има подеднакво право на болничка нега
ДСЗИ попладнево го информираше министерот Филипче дека по извршениот надзор е утврдено дека во ГОБ „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

По наводите на социјалните мрежи и некои медиуми дека е вратен пациент со ковид од ГОБ „8 септември“ поради возраста, министерот за здравство д-р Венко Филипче рано утрото побара од ДСЗИ да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите -информираат од Министерството за здравство.
ДСЗИ попладнево го информираше министерот Филипче дека по извршениот надзор е утврдено дека во ГОБ „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.
Во телефонскиот разговор д-р Христијан Костов- директор на ГОБ 8 Септември на мнистерот му појаснил дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран.
Според д-р Костов, во моментов во ГОБ 8 Септември, најмладиот ковид пациент е на 20 годишна возраст, а хоспитализирани се и пациенти над 72 години. Министерот Филипче потенцира дека хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст. Секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман.
Соња Стојановска
