Кризен штаб

Армијата ќе им помага на здравствените работници непречено да ја извршуваат работата

23.11.2020 15:47

Крижниот штаб со уште една седница. Војската нема да оди по улиците вооружена, таа ќе ѝ помага на полицијата во обезбедување на болниците. На колку од нив, ќе каже Министерството за здравство. Ќе се чуваат и магацините за здравствената опрема. Има заразени полицајци, затоа се вклучува и македонската Армија. Безбедносната состојба е стабилна, вели координаторот Ангелов...

Јавниот ред и мир во здравствените установи не е нарушен, Армијата само ќе им помага на здравствените работници за да можат непречено да ја извршуваат работата. Од безбедносен аспект, состојбата во државата е под контрола и кај населението не треба да се создава паника – порача шефот на Кризниот штаб, Ангелов.

„Се работи за ангажман на Армијата за одржување на редот во здравствените објекти, онаму кадешто ќе побара Министерството за здравство, или на други стратешки објекти од областа на здравството, или одредени магацини каде што би имало здравствена опрема. Припадниците на Армијата нема да бидат вооружени, туку ќе помогнат на граѓаните да не се создаваат непотребни гужви или евентуална хаотична состојба“, изјави в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Штабот го разгледал планот на Министерството за здравство за објектите што треба да бидат обезбедувани. Министерството за внатрешни работи ќе реши колку припадници на Армијата ќе се ангажираат и во колку смени.

„Соодветни служби на Министерството за внатрешни работи ќе определат на кој објект колку точки ќе се обезбедуваат, дали има една влезна врата или има неколку, дали има други точки кои се значајни од аспект на обезбедување. Потоа ќе утврдат дали одредени точки треба да се обезбедуваат само во прва смена, но повеќето од нив треба да се покриваат 24 часа бидејќи најголемиот дел се места на кои се лечат болните од ковид“, рече Анеглов.

Во помошта на полицијата при обезбедување на здравствените објекти, Армијата ќе биде ангажирана без оружје и не смее да презема дејствија без полициски службеник. Ангелов дополни и дека Армијата помага бидејќи дел од полицајците се заболени од коронавирусот.

 

Андријана Атанасовска