На Струга и е потребна туристичка стратегија

15.03.2014 13:32

Во пресрет на секоја летна туристичка сезона се отвора прашањето за туристичката стратегија, но засега ништо од овој документ, кој треба да го дефинира туризмот како стратегиска економска дејност во регионите. За Струга, излезот ќе биде во формирањето туристичка развојна зона погодна за изградба на хотели...

Туристичка стратегија е она што и е потребно на Струга. Општината тактизира, приватниот сектор се зацврстува. Дали сето тоа ќе биде доволно оваа година Струга да се искачи скалило погоре на туристичката мапа, или оваа ситуација станува „историска тема“ , велат туристичките работници.

„Прашањето за стратегија за развој на туризмот во Општина Струга е историска тема. Жално е што за стратегија за развој на туризмот за 2014 година разговараме во 2014 година, значи сега треба да разговараме за стратегијата за 2015 година. Нашата општина никогаш немала комплетна и содржајна стратегија, ниту краткорочна, ниту пак долгорочна“, вели Татјана Огненовска менаџер во хотелот „Бисер“ во Струга.

Излезот од ваквите состојби струшките хотелиери го гледаат во основање на стручен тим кој конечно ќе ја проектира туристичката стратегија. За општината еден од начините за развој на туризмот во Струга е изградбата на турсистичка развојна зона.

„Струга е туристички град и добро е да има една туристичка развојна зона. Се работи за локација кај крастата во Калишта, станува збор за добра локација каде би се изградиле  хотели и слично кои ќе повлечат уште повеќе туристи и инвеститори“, истакнува градоначалникот Зијадин Села. 

Струшките локални власти за 2014 година за поттикнување и развој на туризмот од градската каса издвоија околу три милони и шестотини илјади денари.

Струга оваа година планира да ги зацврсти своите позиции на туристичкиот пазар. На потегот Струга-Калишта кај хотел Бисер треба да се изгради туристичката развојна зона, а веднаш до неа ова лето треба да почне и со работа хотел Изгрев кој ќе биде најголемиот и најлуксузниот комплекс во нашата држава, со отворени и затворени базени, аква парк и спа центри.

 

Јованчо Наумоски