СЦЕНА

Наташа Миха: Единствениот компетитивен соперник кој го имам сум самата јас

24.11.2020 11:11

Оваа млада музичарка со богата и разнолична музичка позадина како да не познава граници кога станува збор за музички израз. Можете да ја сретнете како солист на Денови на Македонската музика, на клубска сцена со прогресив рок составот Station:Innermost, можете да уживате во нејзините препеви на поп хитови на социјалните платформи, а меѓу другото таа може да биде и вашата омилена учителка по пеење и солфеж....

Ако треба накратко да ја опишам Наташа Миха тогаш би ги одбрала следните зборови — кралица на некомформизмот. Оваа млада музичарка со богата и разнолична музичка позадина како да не познава граници кога станува збор за музички израз. Можете да ја сретнете како солист на Денови на Македонската музика, на клубска сцена со прогресив рок составот Station:Innermost, можете да уживате во нејзините препеви на поп хитови на социјалните платформи, а меѓу другото таа може да биде и вашата омилена учителка по пеење и солфеж. Во 2013та дипломираше соло пеење cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а во 2016та се стекна со магистерска титула. И покрај сето ова, во нејзината музика воопшто не се чувствува ограниченост, таа се чини целосно ослбодена од знаењето, а притоа точно знае што прави.

“Пеперутка” е најновиот сингл на Миха зад чијашто музика и аранжаман се потпишуваа таа, надополнета со креативните капацитети на Дамир Пух. Неговиот потпис стои и на миксот и мастерингот на делото.

Впечатливите стихови, кои оваа музичарка ги напиша сама, поттикнуваат многу прашалници. Миха вели дека тежнее кон тоа со малку да каже многу, а на слушателите им остава простор на свој начин да ги доживеат пораките кажани меѓу редови.

Од музички аспект, во “Пеперутка” слушаме бас експлозија која доминира во инструменталниот дел, како и машките придружни вокали (Мартин Блажевски, Дарко Фотиновски, Стефан Петановски и Дамир Пух), кои се во функција на контраст на главната хероина во приказната и таа, како вистински соло пејач, ќе си земам слобода да кажам дека ни одржа лекција по пеење и креативен израз.

“Кога започнав да работам на „Пеперутка“ немав дефинирано правец на стилско движење или развивање на песната. Интересно ми се виде тоа што за разлика од мојот веќе утврден процес на креирање песна според изградена вокална мелодија или текст, овојпат започнав од обратната страна – ритмичка пулсација и избор на инструменти. Знаев дека сакам да постигнам модерен звук, да експериментирам со звуци и бои, но истовремено, кога ќе дојде време, да го задржам својот печат на вокална експресија. Целиот процес на креација се случи многу спонтано — ја слушав песната во глава, па преостануваше само да ја извлечам од себе и да ја изградам најавтентично што можам.” - опишува Миха.

Од воздушест шепот, преку полни низини и моќни висини, оваа сопранка се чини дека може да раскаже приказна и без зборови. Класиката ја чувствуваме во беспрекорната артикулираност на секој отпеан тон, додека нејзината изложеност на различни музички правци и упорното рушење на личните граници резултира со емотивна обоеност на стиховите што навистина предизвикува пеперутки со секое ново слушање.

За тоа колку професионалната работа во широк спектар на музички правци и образование влијаат на експериментирањето со стилови и колку сето ова е важно за еден уметник вели:

“Работењето на себе и надградувањето се едни од најјаките атрибути што човек може да ги посака. Како артист – овие две нешта ми се од особена важност и ме водат кон издигнување на повисоко ментално, духовно и професионално ниво.

По природа сум многу љубопитна и амбициозна. Често брзо се заситувам и секогаш барам нови предизвици за работа и нови цели за достигнување. Сакам да испробувам нови нешта. Многу сум компетитивна, но единствениот компетитивен соперник кој што го имам сум самата јас. Па, така, секој нов ден се стремам да сум подобра од претходниот.

Кај мене, музичкото образование е присутно уште од најрана возраст. Неоспорен е и фактот дека во мојата глава поседувам фолдери со музика од различен тип, стил, епоха и жанр, кои дефинитивно ја збогатуваат мојата креативност и експресија. Тука се и искуствата стекнати на различни сцени, во различни уметнички состави. Но, сметам дека клучот за надминување на сопствените граници и одење напред, пред се, лежи во мојот карактер. “

Како професионален музичар кој е постојано во контакт со македонската музичка сцена, Наташа Миха конструктивно потенцира дека во оваа област се потребни повеќе разновидност и храброст, а како музички парчиња од наши артисти кои и го одбележале периодов ги издвојува Антиарт – „Облаци“, Project Insanus – „Petrichor“, Фанк Шуи – Ветер, Стефан Петановски – „Awakening“, Суперхикс – Ана, Лилит – „Чудо“, Дина Јашари – „Зборови”…

Видеото за “Пеперутка” го работеше Ѓорги Вацев, кој уште еднаш успешно ни преточи музика во слика. Уживајте!

Јана Бурческа