Спасов: Бесплатен меѓуградски превоз за глуви лица и за лица со интелектуална попреченост
Досега правото на повластен превоз во меѓуградскиот сообраќај го користеа 2.470 слепи лица и 348 лица со телесна инвалидност...

Со корекциите направени во Законот за патен сообраќај глувите лица и лицата со тешка интелектуална попреченост ќе имаат бесплатен меѓуградски превоз, кој ќе го обезбедат автобуските превозници. Ова го најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на денешната прес-конференција со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Во соработка со Министерството за транспорт и Здружението на превозници се обезбедува бесплатен превоз на оваа категорија наши граѓани и нивни придружници. За нив се обезбедуваат шест повратни карти во меѓуградскиот сообраќај. За остварување на оваа поволност потребно е лицата да приложат потврда за членство и возен картон издаден од надлежниот национален сојуз“, рече Спасов.
Досега правото на повластен превоз во меѓуградскиот сообраќај го користеа 2.470 слепи лица и 348 лица со телесна инвалидност (вкупно 2.818 лица), кои и понатаму бесплатно ќе ја користат таа услуга.
