Се прошируваат ковид- капацитетите во кумановската болница

24.11.2020 16:04

Кумановската болница ги проширува капацитетите за ковид позитивни пациенти. Покрај неврологија кој функционира како ковид центар и е полн, за таа намена се адаптира и просторот за уво, нос и грло. Одлуката следи како резултат на континуираниот раст на новозаразени. Група кумановци пак самоиницијативно на социјалните мрежи се организираат да волонтираат во болницата. Од таму потврдуваат дека има потреба за технички персонал.

Одделот за уво, нос и грло во кумановската болница стана ковид 3 центар. Проширувањето на капацитетите следи по зголемениот број на новозаболени од коронавирусот. Ова е второ проширување, откако претходно и одделението за неврологија стана простор за болничко сместување на ковид пациентите. Одделот за патологија, кој целосно е реновиран  пак ќе функционира како дневна болница. Засега нема потреба да се користи шаторот кој што го подигна Армијата.

„Имаме плус 20 кревети со тоа што може да се дополни уште некој кревет, но се надевам дека нема да има потреба, бидејќи очното одделение горе е чист дел“, изјави Снежана Захариева, лекар Општа болница Куманово.

Со изградбата на монтажната болница, која согласно планот ќе се постави на местото на поранешниот објект за физикална терапија, ќе се овозможат дополнителни 40 кревети. Група кумановци пак на социјалните мрежи самоиницијативно се организираат да волонтираат. Засега има пријавено седум лица. Од болницата велат дека има потреба од технички персонал.

„Немаме централен довод на кислород во моментот тоа ни е најголемиот проблем бидејќи нонстоп се носат, се празнат и пак се носат боци кислород. Тоа е буквално физичка работа. Така што ние ангажираме болничари кои нешто друго можат да им помогнат на пациентите“, вели таа.

Од таму дополнуваат дека веќе 15-ина дена две медицински сестри, волонтираат во ковид 2 одделот. Вклучени се и неколку специјализанти од Крива Паланка. Од приватните ординации засега никој не пројавил интерес за помош. Бројот на заболени во Куманово, заедно со општините Старо Нагоричане и Липково секојдневно се зголемува. Во моментов има околу 940 активни случаи.

 

Елена Георгиевска