Готова е нацрт- резолуцијата на ЕП за земјава
Готова е нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за земјава која треба да биде предмет на дебата во првата половина на декември на Комисијата за надворешни работи. Предлагачот Илхан Ќучук, изразува жалење за сложената ситуација во Македонско-бугарските односи, но се надева на скоро решение за да не се загрози динамиката на интеграциите...

Формулацијата на нацрт-резолуцијата на ЕП за напредокот на Македонија во однос на спорот со Бугарија, изгледа малку необично, иако притоа се изразува жалење што Бугарија и Македонија сѐ уште на пронашле компромис за прашањата поврзани за историјата и јазикот.
„Се надеваме дека ќе бидат наскоро решени за да не се загрози динамиката на интеграциите, и притоа се поздравува одржувањето, без одлагање, на првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство“, пишува европратеникот Ќучук во својата предлог резолуција.
Тоа што е необично е дека во резолуцијата е вметнато дека постојат дискусии за јазикот, нешто за што не се преговара.
Оваа резолуција ќе биде предмет на дебата помеѓу членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на 10 декември. Европратениците имаат до 16 декември да поднесат амандмани на истата.
Се очекува дотогаш да бидат поднесени барања за измени во сите области, не се исклучува можноста дека парламентарните групи или група на европратеници ќе побараат поостар речник во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ како и во однос на немешање на билатералните спорови во ЕУ интегративниот процес. Но, исто така и амандмани од страна на некои бугарски европратеници кои од 2012-та година па наваму, се повеќе од воздржани кон интеграцијата на Македонија.
Што се однесува до реформскиот дел, предлог текстот на известувачот потсетува дека треба да продолжи заложбата за интеграција во ЕУ, демократска консолидација, борба против корупција, владеење на правото и подобрување на климата за медиумите и граѓанското општество.
Се повторува потребата од натамошни напори во судството и пресуди за високопрофилни корупциски предмети и криминални мрежи.
Откако ќе бидат поднесени амандманите на оваа резолуција, текстот би требало да биде усвоен кон крајот на февруари во Комисијата за надворешни работи, а потоа на пленарна кон почетокот на март 2021.
Тони Гламчевски
