Заев: Историјата и ЕУ перспективата треба да ги зближуваат С. Македонија и Бугарија

25.11.2020 16:42

„Ние немаме споделена или вкрстена историја, туку заедничка историја. Гоце Делчев е револуцинер и за Македонците и за Бугарите, Бугарија ни е пријател, а не фашистичка земја“, ова во интервју за агенцијата БГНЕС го изјави премиерот Заев. Според него, потребна е мудрост за да се дојде до решение меѓу двете земји. И додека првиот човек на дипломатијата Османи уверува дека се во тек активности за враќање на довербата во договорот со Софија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со жестоки критики по интервјуто на Заев, кое го оцени како скандалозно...

„Ние немаме споделена, туку заедничка историја“ - ова во интервју за агенцијата БГНЕС го изјави премиерот Зоран Заев. Според него, Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Премиерот смета дека е потребна мудрост за да се приближат позициите на Скопје и Софија.

За ВМРО- ДПМНЕ ова се скандалозни тврдења на премиерот, со кои тој задира директно во македонскиот идентитет, историја и со кои се негира антифашистичката улога на македонскиот народ.

Ветото од Бугарија - министерот за надворешни работи Осамни го оцени како знак на недоверба, која е рецидив од минатото. Во моментов се работи на враќање на довербата и реалзација на договорот за пријателство од 2018 година.

Шефот на македонската дипломатија рече дека не може во овој момент отворено да говори за што конкретно разговараат двете страни, бидејќи станува збор за идеи и предлози за кои е потребна согласност и од Скопје и од Софија.

Османи истакна дека доколку се одложи почетокот на Меѓувладината конференција, тоа ќе има далекусежни последици и во иднина ќе биде многу потешко да почнат пристапните преговори.

 

Марина Стојанова- Тонева